Македонскиот претставник во Еврокупот, тимот на МЗТ Скопје Аеродром вечерва против ВЕФ Рига ќе ги започнат дуелите од втората половина во ова натпреварување. Кошаркарите на МЗТ во 6.коло ќе се обидат да ја остварат втората победа и да се реваншираат за поразот во 1.коло во Летонија. Тренерот Влада Вукоичиќ посочува дека и покрај проблемите со повредените играчи, добрата игра во одбрана над Браун и Бајрамовиќ ќе биде клучен елемент за конечниот резултат на овој меч.
– Рига во однос на првиот натпревар кога се засили со центрите Бајрамовиќ и Никс е во истиот состав, но периодот на воигрување на овие два високи играчи им овозможи сега да играат доста поквалитетно ниво. Плејмејкерот Ди Браун е и понатаму лидер и најдобар играч на екипата, па одбраната на него во голема мера ќе го одреди текот на натпреварот и самиот резултат. Секако многу е важно да се сопре и шутот за три поени, затоа што практично целата екипа освен центарот шутира одлично од надворешните позиции, изјави Вукоичиќ.
Во составот на „аеродромци“ најверојатно поради повреда нема да биде Никола Оташевиќ.
Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – ВЕФ Рига е со почеток од 18 часот во СЦ „Борис Трајковски“


