Најсовремените молекуларно-дијагностички процедури и генетските анализи за онколошките заболувања стануваат достапни за осигурениците на товар на Фондот

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Природно-математичкиот факултет (ПМФ) денеска склучија договор со кој лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ ќе почне со изведување напредни молекуларно-дијагностички анализи, пред сè преку примена на генски панели за таргетирано, масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (NGS) кај разни онколошки состојби. Со ова, најсовремените молекуларно-дијагностички процедури, вклучувајќи ги и генетските анализи за онколошките заболувања, стануваат достапни за осигурениците на товар на Фондот.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски истакна дека договорот има две клучни цели: зголемување на капацитетите за онколошките анализи со цел намалување на времето на чекање за пациентите и овозможување апликативна дејност за идните генетичари, кои се образоваат на ПМФ.

– Оваа лабораторијата за молекуларна биологија и геномика е една од најсовремените не само во Македонија туку и во регионот. Со овој договор сакавме да постигнеме две цели. Првата цел еда го подобриме капацитетот за онколошките анализи. Значи, примарната цел на договорот е тука да се прават генетските анализи за онколошките болни. Втората цел што сакаме да ја постигнеме е оваа установа да добие можност и за апликативна работа. Тука се образоваат идните генетичари за сите лаборатории во Македонија и сметавме дека добро е уште во фазата на студирање да се има можност и практично да се види како се одвиваат овие активности – рече Клековски.

Кога станува збор за услугите, појасни, тоа ќе бидат од делот на NGS, односно ново генетско секвенционирање. Посочи дека во основа таму пакетите за услуги се во зависност од тоа колку гени се анализираат: 5, 10, 15, 20, над 50 или целиот геном.

– Има разни пакети и сите се во основа NGS-генетско анализирање. Во моментот во Македонија имаме договори со повеќе NGS-лаборатории. NGS во моментот се работи на МАНУ, каде што претежниот фокус е на ретките болести, се работи на Медицинскиот факултет – Институтот за патологија, со претежен фокус на онкологијата, на Медицинскиот факултет – Институтот за имунологија, каде што фокус се имунодефициенциите и трансплантациите, на Медицинскиот факултет – Институтот за судска медицина, со фокус на форензиката, на идентификацијата и сега на ПМФ, со фокус во оваа фаза на онкологијата. Се работи и на Фармацевтскиот факултет – фокус хематологија. Покрај овие со кои имаме договор, има и приватни лаборатории што работат NGS, а надвор од медицината NGS работи и Ветеринарниот факултет за сопствени потреби – рече Клековски.

Оваа лабораторија на ПМФ, посочи, треба да послужи како втора лабораторија, која ќе ја покрива онкологијата за да обезбедиме и повеќе услуги, меѓутоа и  „бекап“ ако примарната лабораторија поради икс причини не може да ги обработи сите потребни пациенти.

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести