Затворениците со семејствата се подготвуваат за штрајк, претседателот Иванов молчи. На помалку од 24 часа од штрајкот ширум затворите низ земјава, од Кабинетот на Иванов се уште молк ќе има ли промена во неговиот став засега да не даде никакво помилување за двете илјади затвореници кои со петиција побараа намалување на казните за 30 до 50%, поттикнати од општата аболиција на Иванов со која беа опфатени 56 политичари и функционери.
Правниот застапник Звонко Давидовиќ кој исто така испратил писмено барање до Претседателот, вели дека во вакви услови на селективна правда, нема да биде мал бројот на оние кои утре ќе штрајкуваат.
Давидовиќ не предвидува колку штрајкот ќе трае, но ја остава отворена можноста ако ништо не се промени, тој да премине во друга форма на незадоволство. Вакви најави пред неколку дена дадоа и самите затвореници – тие посочија дека ако Иванов не ги прифати нивните барања, штрајкот може да заостри, па дури и да се штрајкува со глад.
Петицијата до Иванов со која се бара намалување на казните, ја потпишаа преку 2200 осуденици од вкупно 3.152 од целата држава.
Од Иванов намалување на кзните побараа и 106 затворенички од затворот Идризово, но тој им одговори дека тоа ќе треба да го побараат по регуларен пат, односно секоја поединечно.
Адвокатот Давидовиќ неколкупати досега посочуваше дека се работи за двоен аршин кога Иванов помилува политичка елита без поединечни барања, а истите ги бара од затворенците.
24 вести за став се обрати и до Кабинетот на претседателот, но до емитувањето на прилогот одговор нема.


