Македонија е во сериозна криза, најголема од осамостојувањето. Работата е исклучително загрижувачка. Државата ни е во прашање. Вистината сите ја слушнавме, се ни е јасно. Повеќе ништо не ми е ни интересно, ни чудно, уште помалку смешно во сето ова. Длабоко разочарување чувствувам.
А народот си седи и чека трпеливо. Ама овие забегани, не си одат од Власт. Продолжуваат со лагите и искривената реалност. Следуваат тешки денови за сите нас. Слободата не доаѓа сама, а ние сме на добар пат да ја изгубиме целосно. Молкот не е одговор, а неутралноста сега не е став. Што луѓе ќе бевме, се прашувам…
Количината на нивното зло и нечовечност е тоа што ме порази мене. Една мала група, врхушка и фамилија во залог држи цел народ, ама и својата Партија исто така. Криминалите и измамите сите ги знаевме, но сега како отворена книга пред нас е нивната простотија, нискост, одмаздољубивост, заканувања, непочит меѓусебна, нечовечност. За нив ништо не било свето. Тие се злосторничко здружение во маалска банда, оти за селска банда се многу свилени. А за мафија не се дораснати, таму кодекси и чест се почитуваат. Овие се како селски моми на чешма и монструми, споени во едно.
Предолго трае ова, цела деценија тонеме се подлабоко. Јас сум непоправлив оптимист, ама ова е незамисливо, денешното официјално соопштение на владеачката партија ме натера да седнам и да се засрамам наместо нив. Зарем толку ја потценуват интелегенцијата на сопствениот народ. Фатени живи, милијон криминали откриени пред очите на цела јавност, тие се прават недоветни. Толкава дрскост, ароганција, лаги и обвинувања, во соопштение на некој кој ни ја води Државата, не е нормално. Македонија ќе ја изгубиме ако потреа ова.
Фејсбук статус на Наташа Струмениковска


