Секој национализам ја почнува својата приказна како другите им го крадат јазикот. Меѓутоа, недраги патриоти, јазикот не е предмет па некој да ви го украде. Никој нема ексклузивна сопственост над јазикот, туку јазикот му припаѓа на секој оној кој го говори
Да им предочиме на „пијаните патриоти“, македонските швајцарци од дијаспората кои фрлаат „дрва и камења“ против идејната иницијатива на Зоран Заев дека ќе воведе двојазичност во цела Македонија. Куку, леле, бегајте, патриоти, ќе се спрема сценарио така што цела Македонска територија ќе учи и чита на Албански јазик! Постои, имено, Европска повелба за регионални и малцински јазици. Дали тоа го има потпишано Груевистичката влада, ја тоа не знам, знам само, бидејќи гледам и фала богу – читам – груевци се неписмени, ама тоа секој полуписмен го знае. Груевистите со ваквиот гест – во иста линија и нивното гласачко членство – неписмени и заглавени во некој образец од 19. век. Во 19. век тоа беше доминантен поглед на нациите, го застапуваше дури и Карл Маркс. Ама од средината на 20. век таквиот концепт е потполно напуштен, затоа што фактот дека низа од нации постојат, а имаат заеднички јазик со некоја друга нација во друга држава. Различна национална припадност не значи автоматски туѓ, странски јазик, како што посакуваат националистичките екстремисти. Кога, пак, ќе слушнам како се „навредени патриотските чувства“ на сите нарикачи низ дијаспората, веднаш знам дека се работи за чисто етничко поткусурување, во нашиот случај, Албанците. Задолжителен Албански јазик на цела Македонска теририторија? Па што! Секој еден кој има елементарно познавање знае дека Груевци со пркосењето на двојазичноста го поставуваат фундаменталното националистичко прашање: кој си ти? Двојазичноста имено е гест на помирување на два народа кои живеат во една држава. Клатното кое изминативе години е заљуљано нема потреба да инклинира повеќе на една страна, што е клучна работа за етничко помирување на два народи во иста држава.
Во ниту еден народ на Балканот не постои толку многу предрасуди како према Албанците. Познавам кафански кукања на таканаречените „учени професори“ према Алабнците: кој е тој народ, каков е, што е тоа кај нив што кај нас така страствено ги вознемирува нашите души словенски, упс!, антички, какви се тоа соседи/комшии/сонародници кои ги мразиме? Дојде време да се сврти нова плоча, ако тие ја одбијат двојазичноста како идеја, велам, да ја понудиме повторно. Да покажеме дека не сме патриотски нарикачи водени од племенски чувства, опседнати со православно празноверие. Туку обврзани со прагматизмот на иднината. И’ да се насмееме, во име на Бога, да се насмееме пред оние кои најчесто викавме и пцуевме. Двојазичност на цела територија? Супер! Не гледам проблем.
Што се прашува просечен груевист, тоа се прашува и самиот Груевски: се мачкаат, имено, Албанците на леб, дали се работи за луѓе од друга планета, тема за цинични, храна за ненаситни националисти, квазиисторичари и останат заум. Дали дојде време Албанците да ги сфатиме озбилно, човечки, пријателски? Мислам да. Доста време беше да ми објаснуваат зовриените полнокрвни патриотски глави, професорска и академска синекура. Во раната младост живеев во Кичево, кога сега собирам и одземам, од сите луѓе кои попатот ги среќавав, најмалку, скоро никогаш, не ме стрелаа Албанци. Секогаш беше тоа нашата „македонска патриотска братија“, сакам да кажам дека секогаш стрелањето беше од „нашите“. Од нашиот македонски род де. Со Албанците секогаш си на јасно, со нашите племиња, родоначалници и останата боранија никогаш не си на чисто. Безмалку, што би рекол Џони Ш.: та те етничка багра увјек зајебе. Двојазичност на цела територија на Македонија? Супер!
Да кажам (напишам) кратко и јасно: за мене границите на државите, како и етничките бариери внатре, во државните устројства не’ беа и не се места кои раздвојуваат, туку точки, линии, порти кои спојуваат. На тие простори луѓето одат на средба еден кон друг. Комотни ориентири преку кои од својот дом одиш во домот на пријателот. Верувам дека и’ денес така мисли добриот дел на човештвото. Не баш и голем број на народи, ама секако значаен дел. Надежта да не’ се губи, туку да се збира. Верувам, додека ги типкам овие зборови, како мојот дух се мултикултивизира, верувам исто така додека ги типкам овие зборови како мојот дух се космополитизира, што ми кажува дека старите истрoешни политики можат да се разбијат, култивизираат и’ да се прифатат рацете на соживот и пристојност. Ова, се разбира, важи и’ за Албанците кои од предрасуди не се лишени. Секој народ – знаеме тоа од историјата – сешто туѓо му се сака. Но, ако е познато дека секои придвижувања се геостратешки, геополитички, геоантрополошки, геокултуролошки и разна друга класификација… Верувам дека и’ Албанците ќе ги научат историските инерции, па заедно, во една мала држава како Македонија, си подадеме рака и учиме едни од други. На крајот, ако Албанските лидерчиња во Македонија имаат зрно мудрост, нека само се присетат на довчерашните колежи за земјата и крвта на почетокот на 90-тите години. Што уште еднаш ни се исцртува прастарото правило за сите народи на светот: народот наводно најмногу е во право тогаш кога е во криво.
Навистина, ама навистина ви пишувам: секој човек секогаш е на губитничка позиција, шепнувајќи му ја вистината на својата челад од некој ајет од Куранот: Не поскај ништо туѓо, предупредува реченица од Светото писмо. – Ако тргнеме подалеку отколку што се смее, отколку што ни треба. Секогаш ќе добиеме полошо ако злото го бараме од некој трет.
Урлате против идејата за двојазичност на цела територија на Македонија, патриоти? Вие урлајте а јас ќе ви парафразирам што Мухамед запишал: „Не те испратив, робу Божји, во живот за да уживаш, туку да страдаш. Моли се и оди, меѓу разни племиња, добри дела да правиш“.
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


