Ненад Јовановиќ: Машина за будалштини против невладини

Возбудливо овие денови во Кавадарци: прилично гужви од инспекции во малата невладина организација ПРОЕКТ-ЕУ. Се присобрале големите македонци, се исплашиле од Здружението на граѓани, па испишуваа фактури, сметки, собираа и броеја; службите на Груевски ги вознемирува секакво слободно здружување и делување. Да си бидат тие на сигурно, оти што му знаеш, ѓаволот не спие – можеби некаде стои и гледа кој се’ влегува во нашата мила Македонија, па да јавиме „тамо кајшто треба“ (навистина, каде и кому? Можеби на некоја етничка груевистичка инспекција?), а оние другите, напросто не сакаат да се вознемируваат, оти, ете, си имаат некои други, „свои“ работи, не се мешаат во политика, ја боикотираат заради тамо нешто, додуша, прилично им е матно за што и како, ама научија дека според тоа „немешање во политиката“ се препознаваат вистинските патриоти, па не би сакале да запрат во негувањето на таквата дисциплина, една од оние со кои се истакнуваме, ете, повеќе од дваесет години. Па влегуваат инспекции на ОЈО во невладини организации, проверуваат тука се’ што треба да се провери, да видат тие има ли тамо било што од мрскиот Сорос кој сака да ја клекне земјата Македонија на колена.

Цела источна Европа во меѓувреме се истумба и преврте во некој чуден полет, некои се прославија со трговија, други со туризам, трети со гас и нафта, четврти со компјутеризација, а ние, мајку вам божју, се занимаваме со патриотизам како главна политичка, економска и културна наобразба. И не сме, имено, уморни од таквата будалштина. Море, не да сме уморни, туку начисто сме излудени, паднавме на колена, на раце, на газ, а најмногу паднавме со умот, ама не се даваме, аздисано влечеме и урламе на мала сила, влегуваме во некои неверојатни денови преполни со прозори од душмани, оние кои бесправно ни ја грабаат територијата и целината на нашата душа македонска. А меѓу таквите прозори, се истакнуваат невладините, клетите Соросоиди и „американоси“. Не е никаков проблем што оваа земја има урнисано здравство, школство, не е никаков проблем гигантската пљачка, злоупотреби на функции, недостаток на вода и канализација, проблем се невладините организации кои ќе го менувале, слушај, „културниот код на Македонецот“? (јебао вас код!)

Што да правиш, така е тоа во овие прозаични собитија: на времето нашите претци имаа барем душмани вредни за стравопочит, а нам, како непријатели ни се паднаа нашите роднини и комшии, спикери, пекари, касиерки и понекои скара-мајстори, па на нив да им се „светиме“ за тамо-веќе-нешто. Што не значи дека тие не заслужиле некои подобри од нас, вакви.

Крстарам низ собата во која инспекцијата прегледува сметки и фактури, се прашувам себе дали ова е некаков безвезен ноќен кошмар, дали сме ние само апсурдни јунаци од кошмарниот сон на некое пречувствително уметничко душиче? Зарем мора да поминуваме повторно низ истиот циклус или истиот циркус? Ќе сакаме ли повторно да испозатвараме се’, па повторно за десетина години се’ да испоотвараме, како стампедо од волови, само тогаш уште поизгладнети, уште посиромашни, уште побезнадежни, уште желни за трици и шлајшупки, како некакви проклети и проколнати? Во ред, ја прифаќам филозофската поука дека човечката сила и глупост е вонсериска, ама зошто токму тука, во оваа земја, мора во пракса тоа да се покажува, па уште и репризно? Зарем еднаш не ни беше доста? Зарем се’ уште не сфаќаме дека со Груевски и неговата боранија начисто пропаднавме? Зарем не сфаќаме дека тие што сакаме да ги „казниме“, практично се казнуваме себе, дури, уште повеќе пропаѓаме, гротескно, празни, бездушно, горделиви во својата самозаљубеност на „вечна жртва“, трагично побракана со достоинство?

И каде, по ѓаволите, се гаси таа груевистичка машина за производство и репродукција на будалштини, дали е возможно да нема дугме за исклучување?

Десет години Груевски е против невладини организации. На таквото негово „против“, целиот апарат му стои на услуга. Како еден блесав фиќфириќ, мој познаник, кој не пие кока-кола поради идеолошки причини. Не болшевички, туку оние други, патриотските… Ако е некој во состојба да ја воочи разликата. Со денови се прашував зошто тој човек не пие кока-кола, па се обидувам да разберам дали има некој добар во умот да го врати во нормала таквото негово „идеолошко проклетие“, ама знам, враќање нема, да го вратиш назад е невозможно. Така и со невладините: земја која сака да се интегрира во Европа, дали гони и протерува невладини, здруженија на граѓани?

А сепак, да се вратиме на невладините. Овиде денови беше навистина возбудливо во Кавадарци, испекции под директиви на ОЈО ја чешлаа малата граѓанска организација, ПРОЕКТ-ЕУ, бараа да откријат како работи фамозниот и „опскурен“ Џорџ Сорос лично. Кај нив е се’ лично, целиот Груевистички апарат е поставен на лична основа. Без разлика што Кавадаречкото здружение го води – дури и правно – сосема друга, конкретна личност. Ништо лично, нели? А знаме дека во политиката – оваа и ваква – се’ е лично!

Расте во мене, знаете, оној традиционален „македонски“ инат, па дури сега ќе бидам секаде и на секое место против Груевизмот! Ќе одам на трибини, ќе пишувам и зборувам: секогаш и на секое место против овој одвратен режим од луѓе. Тука сме, не бегаме, не се плашиме, и ќе ви пркосиме! Не, всушност, ќе правиме што мислиме дека треба да правиме ние како Здружение: ќе работиме во интерес за граѓаните на град Кавадарци, ќе работиме на иницијативи, агенди, ќе поттикнуваме, ќе се учиме едни од други. И ќе бидеме против Груевски! Засекогаш. А, ако во овој режим e се’ лично, а лично е, тогаш ќе морам да им порачам на Груевистите: ќе одам тамо кајшто ми е волја, онолку колку што ми е волја, и тоа е се’. Па си велам на себе, веќе смирен: ако си при себе, немој да полудиш за да ти биде полесно, остани при себе, и носи ја таа своја присебност со леснотија, тaквата духовна состојба на оние будаличишта со нивната будалеста машина ќе им биде најголема казна.

Ненад Јовановиќ
Граѓански активист

 

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести