Матурантот од приватната меѓународна гимназија „Нова“, Никола Данев, годинава избра да студира Колумбија Универзитетот во Њу Јорк.
Тој е првенец на генерација, амбициозен, говори течно англиски и германски, ја сака музиката и уметноста, вистински претставник на нова генерација млади, добро воспитани и гордост за секој родител и држава.
На неговите врсници им порачува – Поставете си високи цели и никогаш не се откажувајте од нивната реализација!
Кажете ни нешто повеќе за Вашиот избор на универзитет и насока на студиите?
Од неколкуте факултети на коишто аплицирав, Колумбија ми беше дефинитивно еден од омилените. Всушност, Колумбија беше и единствениот факултет којшто ми понуди речиси целосна стипендија за 4 годишни додипломски студии и токму тоа ја зацврсти мојата желба да студирам таму. Сакам да студирам медицина, но поради различниот систем во САД, медицината може да се започне дури откако ќе се завршат 4-годишни додипломски студии коишто би служеле како припрема за студиите по медицина. Затоа, јас одлучив да студирам невробиологија и бихевиоризам.
Како влијае Вашиот избор на универзитет врз Вашиот семеен и социјален живот?
Навистина сум радосен дека ќе студирам во Њу Јорк во наредните 4 години, но напуштањето на домот и пријателите не е лесно. Од една страна знам дека оваа разделба со семејството не е конечна и дека кога-тогаш повторно ќе бидеме поблиску, а пак од друа страна јасно ми е дека разделбата со некои од пријателите ќе биде и трајна заради тоа што огромен број млади луѓе се чувствуваат присилени да ја напуштат државата – некои во потрага по работа или академски предизвици, а некои едноставно со надеж за подобра иднина. Затоа, не размислувам многу често на разделбите и гледам да ги искористам наредниве неколку месеци додека сум во Македонија на дружење, шетање и уживање заедно со најблиските.
Кои, според Вас, се причините поради кои имате добиено академска стипендија на еден од најпрестжните и најскапите универзитети во светот?
Сигурен сум дека акедемскиот успех имал голема улога во одлуката да бидам примен, но исто така сум уверен дека тоа не е најбитниот критериум, барем не за Универзитетот Колумбија. Сметам дека широкиот спектар на послешколски активности – дебатирањето, глумењето, волонтирањето и праксите – беа пресудни во мојата апликација и најдобро ме припремија за есеите коишто ги пишував, но и за интервјуто. Секако, дел од заслугата припаѓа и на професорите од НОВА, гимназијата кадешто учев изминативе 4 години, исто така со академска стипендија. Се надевам дека оваа нивна одлука за доделување на стипендија ја оправдав со успехот на Колумија, како и неколкуте награди доделени од кабинетот на Претседателот на САД за одличен академски успех и наградата за Salutatorian, т.е. првенец на генерација, награда којашто ја делев со соученичка од нашата генерација. Всушност, односот со НОВА е двонасочен однос – НОВА вложува во нас, а ние достигнуваме нови усшеси за училиштето: престижни награди, признанија и приеми на светски факултети. Посакувам ваквиот однос да стане пракса во сите училишта во Македонија.
Ги спомнувате често воншколските активности како битен критериум (покрај академскиот успех) за упис на светските универзитети. Што точно значи тоа, со кои конкретни активности се занимававте Вие во текот на изминативе четири години?
Најчесто волонтерски активности, од нив би ги издвоил членството во Младинскиот совет во Амбасадата на САД, учеството во дебатен клуб, учеството во Модел Европскиот Парламент и волонтирањето во Универзитетската клиника за детска хирургија, кадешто Др. Чадиковски и неговиот тим ме воведоа во светот на медицината и за што сум им бескрајно благодарен. Се разбира, спортот е неопходен и иако нема да ме видите често на фудбалските терени, јас сум редовен скијач и ја користам секоја можна прилика да скијам, најчесто заедно со моите пријатели од Ски и сноуборд клубот „Полар“. Покрај учењето на целосната средношколска настава на Англиски јазик, јас течно го говорам и Германскиот јазик којшто го учев во своето слободно време и на јазични кампови организирани од Гете Институтот во Германија. Летните школи се исто така дел од овие воншколски активности – 2 години по ред учествувам на академски летни школи во САД, еднаш како стипендист на Стенфорд, а еднаш на Јеил Универзитетот.
Покрај сите овие активности сепак наоѓам време да и се посветам на уметноста, особено на музиката, со којашто релативно доцна почнав да се занимавам. Овие активности како и многу други се неопходни за да се создаде целосна слика за ученикот и универзитетот да може да донесе одлука дали ќе биде примен. Но, од друга страна важно е и да не се претера со неповрзани активности само за да се наполни биографијата, туку навистина да имаат лично значење и ученикот да има желба да ги прави.
Како го постигнувате сето тоа?
Со добра организација на времето и со бескрајна поддршка од родителите, пријателите и професорите.

Имавте ли време за дружење, пријатели?
Секогаш! И дење, и касно во ноќта, особено за време на викендите. Најблиските пријатели ми се од гимназијата НОВА, но имам широк круг на другари и од државните училишта, од ски клубот „Полар“, од летните кампови ширум светот, како и од Младинскиот совет на Амбасадата на САД.
Со најблиските другари, Форца ни беше нашето омилено место за денско собирање, муабетење, дури и исхрана и учење, а во викендите сме редовни посетители на скопските дискотеки или Дебармаалските кафулиња. Инаку, речиси сите од моите блиски другар(к)и се примени на врвни универзитети во неколку држави: САД, Велика Британија и Холандија. Значи, сé се може кога се сака.

Која е Вашата препорака до младите?
Поставете си високи цели и никогаш не се откажувајте од нивната реализација. Во исто време, она што ве прави различни од другите, не го менувајте во себе, не го поттиснувајте, напротив негувајте го истакнете го, тоа ве прави да бидете свои!


