Нина Суомалаинен, амбасадор на ОБСЕ: По моето заминување, Мисијата ќе продолжи

Мисијата во моментов спроведува еден голем проект, финансиран од Европската унија и Германија, наменет за помош на Граничната полиција во обезбедувањето безбедни простории за складирање на оружје на 15 локации и воведување на софтвер за попис и контрола на инвентарот и евиденција во складовите за оружје на Граничната полиција. Целта на проектот е да се намали ризикот на ширење на оружјето и муницијата и да се зголеми безбедноста на постојните резерви на рачно и лесно оружје. Сметам дека овој проект содржи важен елемент на борба против тероризмот. Еден од клучните резултати кои што ги очекуваме е намалување на транснационалните закани и успешна борба против организираните криминални активности преку спречување на ширењето на оружјето. Една од вашите цели е полиција ориентирана кон граѓаните, се работи на измени на законите за полицијата. Една од тие измени е воведување на надворешна контрола на работата на полицијата. Станува збор за воведување концепт на граѓанска контрола која ќе работи под капата на Народниот правобранител. Какви активности презема мисијата во оваа насока, како да ја приближиме полицијата до граѓаните, да се направи транформација на перцепцијата за полицијата од репресивна сила во структура која работи во служба на граѓаните? Нашата мисија беше еден од клучните чинители кои во земјата го воведоа моделот на полициско работење за заедницата. Ова е метод ориентиран на полициско работење во согласност со демократските принципи и меѓународните човекови права. Набргу по конфликтот во 2001 година, тесно соработувавме со Министерството за внатрешни работи и со општините за да помогнеме во спроведување на концептот за полициско работење за заедницата. Денес, ние продолжуваме да му помагаме на Министерството за внатрешни работи во изготвувањето на Стратегија за ангажирање во заедницата и комуникација, чија цел е зголемување на контактот на полицијата со граѓаните и промовирање на цивилен надзор врз полициските активности. Промоцијата и практичната примена на принципите на демократско полициско работење остануваат приоритети за Мисијата. Ќе продолжиме да ги поддржуваме тековните реформи на полициската служба и да обезбедуваме поддршка за професионализација на полицијата. Тесно соработуваме со Полициската академија. Целта е да се има полициска служба која одговара на безбедносните потреби на сите граѓани. Оценка за состојбата со родовата еднаквост во земјава, каде се уште менаџерските и раководните позиции како да се наменети за припадниците на машкиот пол? Нема сомнение дека еднаквата застапеност на жените и мажите на раководните позиции останува предизвик во целиот свет, вклучително и овде и дека треба уште многу да се направи за да се подобри вработувањето на жените, особено на менаџерски и лидерски позиции. Сепак, би сакала да напоменам дека во Парламентот има одреден напредок, а сегашниот состав вклучува најголем број жени досега, 47. Друг позитивен чекор беше неодамнешната ратификација на Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и домашните насилство. Според мене, како жена лидер, земјата има многу амбициозни и квалификувани жени. Нивниот потенцијал треба целосно да се искористи. Исто така, самите жени треба да се трудат да ги добијат позициите за кои се потполно компетентни. Колку повисоко еден човек оди во својата кариера, толку поголема станува конкуренцијата, и затоа, ние жените, треба да бидеме подготвени да ги развиваме нашите вештини, да покажеме за што сме способни и да бидеме одлучни во постигнување на нашите цели. Се носат измени во законот за медиуми. Вашата оценка за состојбата во медиумите во земјава, дали има напредок? Како го оценувате овој период од десет месеци на тој план, по смената на власта во земјава? Мој впечаток е дека ситуацијата со слободата на медиумите полека почна да се подобрува. Ова подобрување беше наведено во Извештајот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори, во кој, меѓу другото стои и дека медиумите обезбедија балансирано покривање на кандидатите. Сепак, сè уште има многу сериозни прашања. Јавниот сервис, МРТ, се соочува со предизвици, вклучувајќи ги и кадровските прашања, на пример во редакциите на помалите немнозински заедници. Друго важно прашање што треба да се разгледа е неказнивоста за злосторства против новинарите. Целосно свесни за потребата за подобрување на безбедноста на новинарите, нашата Мисија ќе работи заедно со Здружението на новинари и Министерството за внатрешни работи. Ќе работиме на подобрување на безбедноста на новинарите и да ставиме крај на неказнувањето на кривичните дела против новинарите. Мислам дека ова е многу охрабрувачки чекор. Што се однесува до Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за кој во моментов се дискутира во Парламентот, би сакала да напоменам дека два претходни нацрти беа разгледани од меѓународен експерт ангажиран од страна на претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите. Во изминатите месеци, и Министерството за информатичко општество и администрација и Собранието, организираа голем број јавни дебати за нацрт-законот на кој присуствуваа претставници на медиумските организации и здруженија, јавниот радиодифузен сервис, регулаторното тело и меѓународната заедница. Очекуваме дека измените на законот што ќе бидат усвоени од страна на Собранието ќе бидат во согласност со препораките дадени во анализата на ОБСЕ. Потоа, правилното спроведување на законот ќе биде од најголема важност. Ваша оценка, како треба натаму да се развива Мисијата во Македонија? Ќе продолжиме да одиме напред и да отвораме нови врати, истовремено зацврстувајќи ја стратешката соработка која веќе ја имаме со нашите партнери. Мислам дека во следните неколку години Мисијата ќе се концентрира на нејзините основни мандатни приоритети, раното предупредување и поддршка за спроведување на Охридскиот рамковен договор, како и кон поддршката на тековниот процес на реформи, во согласност со заложбите на ОБСЕ. Се разбира дека целокупната политичка клима и темпото на промените во различните области на реформскиот процес се фактори кои имаат влијание врз начинот на кој Мисијата најдобро ќе ги поддржува институциите во земјата. Можноста да ги прилагодиме нашите ресурси и експертиза кон потребите на нашите институционални партнери, останува клучен фактор за нас. Во овој поглед, ќе се фокусираме и на поддршката на напорите за измена на законите и процедурите, но исто така и на нешто што е некогаш и потешко, процесот на спроведување на новите закони и процедури. Да споменам два примера. Наскоро ќе ги финализираме извештаите за судскиот мониторинг, кои, верувам, ќе обезбедат добра основа за тоа како понатаму да го подобруваме судскиот процес. Слично на тоа, неодамна завршивме една голема анализа на јавното мислење и мислењето на полициските службеници за прашањата за работата на полицијата во земјата што опфаќа неколку области каде што се потребни подобрувања. Дури и по моето заминување, знам дека Мисијата ќе продолжи да соработува со властите за да подготви соодветни лекции од овие анализи и да ги спроведе промените за подобрување на ситуацијата. Кој е Вашиот следен чекор во кариерата? Ќе ја преземам функцијата извршен директор на Женевската невладина организација „Justice Rapid Response”, организација која ѝ помага на меѓународната заедница да ја исполни својата заложба за ставање крај на неказнувањето на злосторствата и сериозните прекршувања на човековите права преку доставување брзи, непристрасни и добро спроведени истраги за тие злосторства. Со нетрпение чекам да свртам нова страница во мојот живот и да работам на предизвиците кои се пред мене. Сепак, исто така сум тажна што морам да се збогувам со моите колеги, моите пријатели и мојот дом на кој се навикнав во минатите три години. Можете ли да ни кажете кој е вашиот наследник? Она што можам со сигурност да го кажам е дека мојот наследник ќе биде компетентен и искусен професионалец. Процесот на избор на мојот наследник во моментот е во тек и вклучува голем број кандидати кои беа номинирани од нивните земји за позицијата шеф на Мисијата. Се надевам дека сите партнери и институции ќе ја продолжат одличната соработка со мојот наследник, која ја имаа со мене за време на мојот мандат овде. На мојот наследник или наследничка му/ѝ посакувам многу успех во оваа пријатна и никогаш здодевна работа. До назначувањето на наследник/чка, Џеф Голдстајн ќе биде в.д. шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Пред да се приклучи на Мисијата во септември 2016 година, Џеф работеше за две невладини организации, „Фридом хаус“ и „Фондацијата отворено општество“, како и за Стејт департментот на САД, во Варшава, Сеул, Москва, Талин и Вашингтон. Во кои работи уживавте изминатите години додека престојувавте во нашата земја? Јас навистина уживав во природата овде. Многу често, брзото темпо на животот и природата на нашата работа не обврзуваат да минуваме многу време во канцеларија и го зголемуваат нивото на стрес. Можноста да избегам во природа заедно со моите кучиња по работа, има смирувачки ефект врз мене. Во текот на изминатите три години, јас, исто така, се посветив на спасување и заштита на злоупотребуваните, запоставените или напуштените животни, помагајќи им да најдат дом полн со љубов. Голем број прекрасни кучиња од Скопје веќе си најдоа свој нов дом во Финска. Има многу луѓе овде, кои прават многу за да им помогнат на животните. Им посакувам се најдобро, бидејќи прават одлична работа. Ана Цветковска фото Ивана Батев Извор: МИА]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести