Јапонскиот производител на автомобили „Нисан“ денес објави дека го продава седиштето на компанијата во Јокохама за околу 540 милиони евра, но дека подоцна ќе го земе под закуп.
„Нисан“ исто така објави дека претрпел загуба од 1,2 милијарди евра во првите два квартала, без прогноза за нето добивка за целата фискална година. Во овој период минатата година, компанијата забележа добивка од околу 100 милиони евра.
– Овој потег одразува дисциплиниран пристап кон капиталната ефикасност, активирајќи вредност од неосновните средства за поддршка на трансформацијата во текот на предизвикувачките години – објави компанијата за продажбата.

Нисан објави дека отпушта 15 проценти од своите вработени, или 20.000 работници низ целиот свет, и дека ја затвора својата главна фабрика во Јапонија. Сите јапонски производители на автомобили страдаат од последиците од царините на американскиот претседател Доналд Трамп.
Нисан се бори да ја врати профитабилноста откако објави загуба од речиси четири милијарди евра во фискалната година што завршува во март. Од тогаш до септември, продажбата на Нисан се намали за речиси седум проценти, на 31 милијарда евра.
Глобалната продажба на возила на Нисан во првата половина од годината се намали, особено во Јапонија, но продажбата во Кина и САД се подобрува. Компанијата вели дека нови модели се во подготовка и се очекува да ја зголемат продажбата.
Новиот извршен директор на компанијата, Иван Еспиноза, назначен на позицијата на почетокот на годината, изјави дека Нисан ќе се фокусира на закрепнување во наредниот период.


