Уште една квалификациска сесија мина во боите на Ред Бул. Незапирливиот Фетел освои уште една пол – позиција, овој пат за трката за Големата Награда на Бразил на патеката Интерлагос во Сао Паоло.
Тимскиот колега на Фетел, Марк Вебер, иако апсолутно доминираше на тренинзите успеа да го освои четвртото стартно место. Помеѓу пилотите од Ред Бул, трката ќе ја започнат Нико Розберг од Мерцедес и Фернандо Алонсо од Ферари. Вториот возач на Ферари, Фелипе Маса, трката за домашното Гран При ќе ја започне од деветтото место.
Иако третата квалификациска сесија Q3 беше одложена поради поројниот дожд, ништо не можеше да го спречи Германецот да ја освои деветтата пол – позиција односно 45. во неговата Ф1 кариера.
Првите пет стартни редови ќе ги исполнат: Фетел, Розберг, Алонсо, Вебер, Хамилтон, Грожан, Рикиардо, Верњ, Маса и Хулкенберг.
Последната трка од овогодинешниот Ф1 шампионат е закажана за утре, недела в 17:00 часот средноевропско време.


