Нов кредит од 36,4 милиони евра, непосредно пред изборите

Републичкото Собрание денеска во рамки на 84. седница го донесе Законот за задолжување на Република Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светската банка по Договорот за заем за Вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност, по скратена постапка.

Заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини информира дека на Македонија ќе и биде доделен вториот програмски заем за развојни политики за конкурентност од Светската банка во износ од 36,4 милиони евра.

– Со овој заем ќе се поддржат активности во четири клучни области: развој на производство со висока додадена вредност, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор,  подобрување на ефикасноста на услугите на трговската логистика и воспоставување флексибилност на пазарот на труд, развој на вештини и иновација, рече Џеладини.

Целта на овој заем, како што рече, е да се обезбедат средства за буџетска поддршка. Проектот ќе биде усвоен од Бордот на банката на 13-ти март годинава. Датумот на завршување на проектот е 30 октомври 2014 година.

Заемот ќе и биде доделен на Македонија со рок на отплата од 18 години, со вклучен грејс-период од пет години и каматна стапка шестмесечен ЕУРИБОР со варијабилен распон, како и подеднакви износи на отплата кои ќе се плаќаат двапати во годината, почнувајќи од 15-ти март 2019 година, заклучно со 15-ти септември 2031 година.  Еднократната провизија е 0.25 отсто од износот на заемот.

Во тек на расправата пратеникот Марјанчо Николов од СДСМ  истакна „власта практикува да земе нов кредит пред избори“.

– Оваа држава ја задолжувате прекумерно и тоа го правите непотребно, кога треба да се одржат избори, рече Николов и додаде оти овие пари ќе се трошат само за избори и за кампања. Според него, власта е несериозна во трошењето на парите од кредитот, кои, како што рече, се за манипулирање и поткупување на гласачите во Македонија.

СДСМ, истакна, е против ова задолжување на Владата бидејќи смета дека нема економска оправданост и нема да придонесе за развој на македонската економија.

Во реплика на опозициските пратеници, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека податоците што ги користи Министерството за финансии за пресметка на номиналиот бруто домашен производ се истите податоци што ги користи и НБРМ.

– Порастот на БДП, според проекциите на НБРМ за 2013 година ќе изнесува 3,3 отсто во реален износ. Инфлацијата е земена од 2,8 до 3 проценти во номинален износ. Тоа се податоците што како Министерство за финансии ги користиме при изработакат на проекциите, рече Ставрески. Додаде дека постои податок бруто домашен производ дефлатор, што се користи за да се пресмета номиналниот од реалниот БДП.

Според Ставрески,  конкуретноста на македонската економија има значителен напредок. – Како директен резултат на подобрувањето на конкурентноста и подобрувањето на бизнис климата е и резултатот на намалување на невработеноста. Во времето на СДСМ неврааботеноста беше 38,4 отсто, а денеска е спуштена на 28,7 отсто, рече Ставрески,  истакнувајќи оти тоа се случува во услови на криза.

Собранието ќе продоложи со работа во 15 часот, по истекот на редовната и паузата на барање на ДПА.  На дневен ред на седницата се Предлог-законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија и измените на Законот за стечај, двата по скратена постапка.

]]>

Најнови вести

Најново од Економија, Ударни вести

Најчитани вести