Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на самото место на локацијата во Кисела Вода, каде што при одрон на градилиште еден работник го загуби животот, а тројца беа повредени.
Јавниот обвинител издал наредба за обдукција на починатиот.
– Во насока на испитување на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа постапуваат и Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор – информираат од Обвинителство.
Претходно, доктор Драган Панов, шеф на смена во Итната медицинска помош – Скопје, за МИА информира дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата.
Жртвата, според првичните информации, е на 34-годишна возраст.
МИА


