Опозициската Демократска партија на Косово ќе го бојкотира годишното обраќање на претседателката Османи: Не ја исполни уставната улога

Пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово и оваа година одби да учествува на денешната седница свикана за годишно обраќање на претседателката Вјоса Османи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на ПДК, одбивањето да се следи обраќањето на Османи доаѓа поради тоа што таа продолжила да се однесува „со вознемирувачко неисполнување на нејзината уставна улога и функција“.

„Госпоѓа Османи како претседателка, истовремено и водачка на надворешната политика, дефинитивно не успеа да постигне ниту еден успех во меѓународното претставување и соработка на Косово. Како претседателка не успеа да му обезбеди на Косово ниту едно признавање, како што не успеа и на полето на зачленувањето на земјата во ниту една меѓународна организација“, се вели во соопштението на ПДК.

Згора на тоа, вели најголемата опозициска партија во Собранието на Косово, Османи како претседателка „продолжи да молчи за мерките и санкциите што ЕУ ги наметна на Косово како резултат на деструктивниот пристап на владата и во ниту еден случај не се однесуваше и не делуваше како противтежа на погрешните политики на владата кои ја изложија земјата на меѓународна изолација“.

Од ПДК исто така велат дека Османи и во четвртата година од нејзиниот мандат продолжи да се однесува целосно спротивност на нејзината уставна улога да го претставува единството на народот, демонстрирајќи едностраност кон премиерот Албин Курти.

На претседателката на државата ѝ се забележува и дека како врховен командант на Безбедносните сили на Косово „молчеше пред невидениот скандал со необезбедување храна за косовската војска“.

„И оваа година не само што ги затвори очите пред скандалите и корупциските афери на оваа власт, туку се вклучи во владината кампања за напад врз независните институции на правдата и во најлошиот случај продолжи со уставното прекршување со недекретирањето на главниот државен обвинител“, велат од ПДК.

Според опозициската партија, „единствениот придонес на Османи како претседателка во овие четири години е намалувањето на улогата и значењето на институцијата Претседател, како и промовирањето на поларизирачки и раздорен јазик на политичката сцена“.

„Практично, наместо институционално да се поддржи независноста и интегритетот на правосудните институции, ја попречи нивната работа, со што ја попречува борбата против корупцијата и негативните појави. Сега, кога поминаа речиси четири години од нејзиниот мандат како претседателка, таа не остави ниту една успешна трага за Косово, додека нејзината целосно незабележителна улога се претвори во штетен фактор за државата Косово и нејзините граѓани. За жал, нејзиниот единствен придонес во овие четири години е намалувањето на улогата и значењето на институцијата Претседател како и промовирање на поларизирачки и раздорски јазик на политичката сцена, се вели во соопштението на ПДК, во кое се заклучува дека Османи „не ја заслужи почитта на пратеничката група на ПДК“.

Најголемата парламентарна опозициска партија и минатата година го бојкотира обраќањето на Осмасни, а истото го стори и Алијансата за иднината на Косово.

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести