Специјалните единици при Царинска управа открија обид за нелегален превоз на девет мигранти. Како што соопшти Царинската управа, ноќеска околу еден часот на патниот правец Гевгелија-Неготино царинските службеници се обиделе да сопрат патничко моторно возило со скопски регистарски ознаки, поради сомневање дека пренесува нелегална стока.
Возачот ги игнорирал наредбите и скршнал од автопатот при што продолжил да се движи со голема брзина по стариот пат Градско-Велес. По получасовна потера, во близина на Велес, возилото нагло запрело на нагорнината по што возачот излегол и побегнал, оставајќи го возилото неконтролирано да се движи наназад при што со задниот дел удрило во службеното царинско возило, по што го сменило правецот на движење и излетало од патот.
Во тој момент од просторот наменет за патници, како и од багажниот простор почнале да излегуваат девет патници. Станува збор за илегални мигранти со потекло од Пакистан, Сирија и Авганистан, кои според првичните сознанија, по нелегален пат се обидувале од Грција, преку Македонија и Србија да заминат кон западноевропските земји.
Мигрантите веднаш се задржани, а по пристигнувањето на полициски службеници од СВР Велес и припадници на Граничната полиција им се предадени за натамошно постапување.
]]>


