Ремек-делото на Пабло Пикасо „Femme A La Montre“ од 1932 година ќе биде дел од аукција во Сотби во Лондон. Се проценува дека може да достигне цена од повеќе од 120 милиони долари. Досега делото било во сопственост на патронот и колекционер Емили Фишер Ландау, а ја прикажува „златната муза“ на Пикасо, Мари-Терез Волтер, жена со која тој бил во врска и која била тема на многу негови портрети.
Маслото на платно е дел од изложбата „The Emily Fisher Landau Collection: An Era Defined“, која се одржува од саботата,7-ми октомври, па се до среда 11-ти октомври. Фишер ја купила сликата на Пикасо во 1968 година, на почетокот на нејзиното колекционерско патување. Патувачката изложба ќе биде отворена и во Париз, Тајпеј и Лос Анџелес, а веќе била во Дубаи и Хонг Конг.
Колекцијата на Фишер вклучува и дела од американскиот сликар и скулптор Џаспер Џонс, холандско-американскиот уметник Вилем де Кунинг, американскиот сликар и графичар Роберт Раушенберг, апстрактниот сликар Марк Ротко и други.
Колекцијата, која се проценува дека ќе достигне цена од повеќе од 400 милиони долари, ќе биде понудена на продажба во Сотби во Њујорк на две аукции на 8 и 9 ноември.


