Овој филм беше научна фантастика, а сега стана реалност: Присутните на промоцијата гледаа со неверување на „роботите“ на Маск

Изгледа Илон Маск има намера секој научнофантастичен филм да го престори во реалност, или барем таков вшечаток се добива доколку се погледне видеото со промоцијата на неговите нови роботи.

Милијардерот Илон Маск ја претстави својата армија од роботи Tesla Optimus вредни 30.000 долари. Тие се дизајнирани да помагаат во домашните работи, а многумина гледајќи ги веднаш помислиле на филмот „Јас, робот“ и дистописката иднина прикажана за него, пренесува Дејли Мејл.

Во импресивното видео се гледаат хуманоидни роботи како вкочанети чекорат по бината еден зад друг, додека публиката ги гледа зачудено.

Цената на еден робот „Optimus“ е од 20 до 30 илјади долари.

Маск рече дека роботите може да зборуваат, да направат пијалоци.

„Тој може да го шета вашето куче, да ви го коси тревникот, да купи намирници или да ви биде пријател“, рече Маск.

Видеата покажуваат и како роботот седи на семејната маса, лежи со детето, ја брише површината на кујната и ги собира остатоците од храната.

Роботот е наменет за индустриска и домашна употреба, а беше претставен на 30 септември на Денот на вештачката интелигенција.

„Роботите се наменети да ги заменат луѓето во здодевни, повторувачки или опасни задачи, но визијата е дека тие да служат во милиони домаќинства каде ќе готват, ќе го косат тревник или ќе се грижат за постарите лица“, појасни милијардерот.

На презентацијата, многумина му се восхитуваа на речиси два метри високиот робот кој носи каубојска капа, лептир машна и трегери додека со ококорени очи точи пијалоци за посетителите. Оптимус држеше сини, проѕирни чаши и служеше коктели, но со помош на близок човечки оператор. Некои го пофалија што не побара бакшиш од 25%, додека други го нарекоа „само добро дизајнирана кукла“.

Но, на социјалните мрежи, многумина веќе ги споредуваат овие роботи со научно-фантастичниот филм „Јас, робот“ од 2004 година, кој е сместен во 2035 година. Филмот прикажува високоинтелигентни роботи кои пополнуваат работни места во јавните служби ширум светот, постапувајќи според три закони за заштита на луѓето. Но, детективот, кој го игра Вил Смит, води истрага за наводното самоубиство на водечкиот научник по роботика и во тој процес открива низа тајни во корпорацијата и се сомнева во убиство. Неговата истрагата го води до откривање на поголема закана за човештвото.

„,Јас, Робот’ штотуку стана реалност“, „Овој филм веќе го гледавме и не завршува добро“, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.

Маск појасни зошто роботите личат на луѓе.

„Можеби се прашувате зошто го дизајниравме овој робот со нозе. Бидејќи човечкото општество се заснова на интеракција на двоножен хуманоид со две раце и десет прсти. Значи, ако сакаме роботот да се прилагоди на неговата околина и да може да го прави она што го прават луѓето, тој треба да има приближно иста големина, облик и можности како човекот“, објасни Маск.

Пред само шест месеци тој самиот предупреди дека подемот на роботите може да биде неизбежен бидејќи вештачката интелигенција ќе го надмудри човештвото веќе на крајот на следната година. Тој тврди дека вештачката интелигенција ќе стане поинтелигентна дури и од најпаметниот човек во рок од две години, а за пет години, како што предвидува Маск, ќе ги надмине луѓето.

Најчитани вести