Професорката на Правниот факултет, Ана Павловска Данева на својот Фејсбук профил го прокоментира денешниот престој на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на УКИМ за да види до каде е изградбата на спортската сала.
Павловска Данева напиша:
„Денес на мојот Универзитет, на најстариот, најголемиот државен Универзитет – УКИМ, беше во посета на спортска сала, претседател на партија – Никола Груевски. Негов escord, заедно со државните функционери од неговата партија, беше и еден од проректорите на Универзитетот кој на лидерот на партија возбудено му ги објаснуваше карактеристиките на спортската сала на УКИМ.
Во врска со овој настан сакам да упатам неколку прашања и забелешки:
1. Г-не Проректор, во кое својство во недела, неработен ден за Универзитетот шетавте партиски лидер низ универзитетскиот кампус? Вашата денешна обврска беше партиска или службена? Кој Ви поднесе барање да бидете водич низ нашиот Универзитет на партиски функционери и со каков акт донесовте одлука да го одобрите барањето? Дали доколку останатите партиски лидери исто така Ве побараат за придружник во партиска прошетка низ УКИМ во присуство на медиуми, тоа ќе го сторите и за нив? Ви се случило ли некогаш да дојдете во недела на работа заради потребите на студент или група студенти, за потребите на некој од вработените на УКИМ или ваквата дејност ја практикувате само за партиски претставници?
2. Почитуван гне Ректор, планирате ли јавно да се оградите од денешната партиска активност на Вашиот и наш проректор или ќе оставите оваа негова постапка да биде пример и преседан за сите останати носители на функции на нашиот Универзитет? Ќе преземете ли чекор со кој на сите политички партии во државава ќе им ставите јасно до знаење дека прва и основна цел Ви е заштитата на автономијата на УКИМ или молкум ќе ги повикате сите политички моќници да ја искажат и покажат својата политичка сила врз плеќите на УКИМ? Денес тоа било разгледување на спортска сала со проректор-придружник, но утре можеби некој од нив ќе посака да го контролира неговиот или можеби Вашиот испит, да ги коригира предавањата на некој од деканите што ја сочинуваат Вашата Ректорска управа. Ќе дозволите ли? На крајот на краиштата, понижувачки е редовен професор, актуелен Проректор на УКИМ, да рашетува и да реферира пред партиски претседател, воедно студент-докторанд на истиот тој УКИМ! Имате вистинска можност да се огласите и да го спречете тонењето во срам на Универзитетот што го раководите!“
(Ана Павловска Данева на својот фејсбук статус)


