Сезоната за берба на калинките кај граѓаните на Општина Валандово ја ‘рти болната вистина. Од една страна, синдромот на масовно иселување ја зголемува летаргијата и апатијата кај оние што останаа овде, а од друга страна ја зголемува меланхолијата и носталгијата кај оние што веќе заминаа. Во меѓусебните интермеца никој не го спомнува магичниот сјај на калинките туку само најновите разделби со своите најмили. Се тркалаат нашите црвени зрнца насекаде по светот водејќи сурова борба за својата егзистенција.
Беспарицата немилосрдно наметнува тешки одлуки. Многуте сончеви денови во годината, како и благородноста и грациозниот изглед на калинките го изгубија својот сјај. Масовниот егзодус не запира. Со секој нов ден само дополнително и хронично иселувањето се шири како пандемија. Сите фаќаат залет за да ги прескокнат овдешните мрачни дни. Сеќавањата бледнеат, а лицата потемнуваат како во најлошите сни. Сонцето неуморно сеуште изгрева. Калинките и понатаму раскошно зреат, но за кого?
Изминатите години како домино коцки се рушеа сите историски вредности и се деградираа многу репрезентативни компоненти кои беа неизоставен дел од нашето минато. Без било каква визија и без никаква одговорност во најеколошката општина во државата насилно (ќе) се гради рударски комплекс. На најплодната почва (ќе) никнуваат индустриски објекти кои садистички (ќе) ја експлоатираат ефтината работна сила. Мажите заминуваат во далечниот свет. Жените во најблиската конфекција. Во суштина сите страдаме.
Локалната власт со години не нуди развоен концепт и иднина. Нема инвеститори со висок акцелератор, нема модерни и развојни капацитети кои би можеле да ги асорбираат овдешните стручни и специјализирани кадри. Младите заминуваат не по сопствена волја, по својата подостоинствена наемнина со која би можеле да се прехранат себеси и своето семејство. Вработувањата пак, преку тефтерчињата на кобожемските “големи” партиски босови како волонтери и помлади референти во локалните и државни институции ја намалуваат невработеноста на краток рок, но исто така влијаат за општата непрогресивност и масовното напуштање на општината на долг рок. Бидејќи, овие вработувања се вршат исклучиво за партиската кауза и воопшто не почиваат на повисока општествена и развојна стратегија, а уште помалку пак на некоја долгорочна локална визија или цел.
Локалната власт не комуницира со современиот свет. Ниту ги следи позитивните примери. Затворена е самата во себеси само со себеси. Според сите спроведени истражувања таа е една од најмалку транспарентните во државата. Сака во 21-от век да ни презентира санација на улица како врвно достигнување. Сака да се фали со новоизградените и нефункционални спортски терени кои се обраснати со “чички”, а во општината сеуште да има населени места кои немаат канализација и здрава вода за пиење…
Да не биде ова писание сфатено само како политичка и дефетистичка патетика, да замислиме што би било кога сите овие изминати години бевме насочени кон промоција на врвното земјоделско производство од нашата општина на светските пазари? Ако му се отворевме на светот и ако му ги покажеме нашите органски земјоделски плантажи и производи? Што би било доколку имавме планско земјоделско производство и доколку валандовскиот земјоделец добиваше современи и поефтини услови за производство? Доколку беше заштитен? Што би било кога во индустриските зони би се пакувале еколошки плодови по највисоки стандарди и кога таму би се произведувала најразновидна храна или пак модерна козметика, на пример?
Можеби, тогаш и калинките ќе имаше за кого да зреат…
Пишува: Перо Костадинов


