Пет теории за заговор за убиството на Кенеди

Како што се приближува 22 ноември и 50 години од атентатот на 35. претседател на САД Џон Кенеди, повторно се актуелизираа разни теории за заговор за тоа кој го извршил, т.е. го порачал неговото убиство.

Иако комисијата за истражување на убиството на Кенеди, која е основана една година по неговата смрт, утврди дека пукал поранешниот маринец Ли Харви Освалд, кој делувал сам, една друга владина комисија, која исто така се занимава со атентати, 14 години подоцна обелодени дека Кенеди на тој 22 ноември во 1963 година бил на удар на уште еден напаѓач.

Во истражувањето на јавното мислење кое во 2003 година, на 40 годишнината од атентатот, Еј Би Си Њуз покажа дека дури 70 отсто Американци сметаат дека убиството на Кенеди било резултат на заговор, а не делување од страна на еден напаѓач. 51 отсто испитаници тврделе дека Освалд не бил сам, додека седум отсто веруваат дека тој воопшто не бил вмешан во убиството.

Пред 50 годишнината од смртта на 35 претседател на САД, Еј Би Си Њуз потсетува на пет теории за заговор за убиството на Кенеди.

Според една од нив, зад убиството стои Советскиот Сојуз кој во тоа време водел студена војна со САД. Заговорниците на оваа теорија укажуваат на два докази. Прво, водачот на СССР Никита Хрушчов, наводно бил толку посрамотен бидејќи морал да отстапи по кубанската ракетна криза, па наредил Кенеди да се убие. Вториот доказ е наводната поврзаност на Освалд со СССР, бидејќи два пати го посетил Советскиот Сојуз со сопругата Марина, која имала руско потекло.

Втората теорија се темели на верување дека Централната разузнавачка агенција ЦИА имала врски со мафијашки семејства со кои разгледувале атентат на претседателот на Куба Фидел Кастро. Криминалната група инвестирала во коцкарници и други профитабилни работи на Куба пред комунистичката револуција на Кастро, се тврди во една од теориите. Кенеди исто така се обвинува дека лошо ја организирал инвазијата во Заливот на свињите, поради која се уништени надежите на мафијата за враќање на американскиот организиран криминал на Куба. Според оваа теорија, на заговорничката група не и се допаѓал помладиот брат на Кенеди, главниот обвинител Роберт Кенеди, па се надевала дека тој ќе го изгуби влијанието ако претседателот биде убиен.

Според една верзија, ЦИА која контактирала со криминалната група во врска со убиството на Кастро, барала од мафијата да го убие и Кенеди. Една друга теорија, пак, вели дека на криминалната група убиството на Кенеди го порачеле Кубанци, кои биле против Кастро. Многу заговорници на оваа теорија тврдат дека Џек Раби, сопственик на ноќен клуб во Далас, кој имал врски со мафијата и кој го убил Освалд по два дена откако бил уапсен, е всушност виновник и за смртта на Кенеди.

Со оглед на тоа дека американските агенти повеќе пати се обидувале да го убијат Кастро, според една теорија, лидерот на Куба се одлучил да ги порамни сметките, па се обидел да го убие Кенеди. Претседателот на САД Линдон Џонсон, кој го наследи Кенеди на претседателската функција, бил најжесток заговорник на оваа теорија: – Кенеди се обидуваше да го среди Кастро, но Кастро прв го среди него – изјави Џонсон во 1968 година. Меѓутоа, Кастро во 1977 година рекол дека тоа е целосна глупост.

Некои пак веруваат дека зад убиството на Кенеди стои Линдон Џонсон, сметајќи дека тој од атентатот имал најголема корист. Според оваа теорија, Џонсон наводно го водела амбицијата, а помош во заговорот му пружиле агенти на ЦИА и богати тајкуни кои сметале дека ќе остварат поголем профит ако тој дојде на власт. Според една друга верзија на истата теорија, на Џонсон му помогнал уште еден иден претседател на САД Џорџ Буш, кој случајно се нашол во Далас на денот на убиството.

Бидејќи во речиси секоја теорија се спомнува ЦИА, некои тврдат дека Освалд всушност бил нејзин оперативец и дека агентите пред и по истрагата на убиството, го разгледувале неговото досие, за да го претстават како комунист.

Најчитани вести