Македонската писателка Лидија Димковска вчера во Брисел на гала-свеченост ја примила престижната Награда за литература на Европската унија, која ја освои за романот „Резервен живот“ во издание на „Или-или“.
Деновиве излезе од печат и второто издание на романот, кој претходно ја доби и наградата „Стале Попов“ за роман на годината во 2012, која ја доделува Друштвото на писатели на Македонија.
Лидија Димковска е втора писателка од Македонија што ја добива Наградата за литература на ЕУ, по Гоце Смилевски кому во 2010 година му беше врачена за романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“. Инаку, оваа награда е установена во 2009 година. Се доделува годишно, на писатели од 12 земји кои се дел од Програмата за култура на ЕУ, по принцип на ротација. Оваа година наградата ја добиваат писатели од Белгија, Босна и Херцеговина, Кипар, Данска, Естонија, Финска, Германија, Луксембург, Романија, Словенија, Шпанија и Македонија.
Целта на Европската награда за литература е во центарот на вниманието да се стави креативноста и разновидното богатство на современата европска литература во областа на фикцијата, да се промовира циркулацијата на литературата во Европа и да се поттикне поголем интерес за ненационалните книжевни дела.
Наградата е финансирана од Програмата за култура на Европската унија.
ИЗВОР: Утрински весник


