Крајно невообичаена ситуација, која изгледа и несериозно. Да не стануваше збор за државата, би било смешно“, вели за „Мета“ универзитетскиот професор Владимир Пивоваров, во врска со денешниот инцидент на караулата Гошинце, што Министерството за внатрешни работи (МВР) го оквалификува како „терористички напад врз државните институции“.
– Во светот се познати доста методи на дејствување. Но, не и ваков, во кој се вели „дојдоа да пренесат порака и ни порачаа да ја пренесеме“. Обично се задржуваат дел од заложниците, а еден или двајца се пуштаат да ја пренесат пораката, а не сите. Тоа е караула за чување на државната граница, со соодветна опрема и со вооружување. Чудно е како групата ја зазела караулата без притоа да наиде на отпор. Ако е така лесно, кој било може да ги заземе овие пунктови. Крајно невообичаено – вели Пивоваров.
Професорот, кој е кумановец по потекло, вели дека и неговите пријатели од албанска националност се вчудовидени од ситуацијата.
– Имавме неколку ситуации досега и редно време е институциите да се одважат и да си го работат тоа за што сите ги плаќаме. Премногу скапо нè чинат – додава професорот.


