Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека во последното деноноќие има вкупно пет пријави за семејно насилство, додека четири лица се лишени од слобода.
Во тетовско село, вчера во 12:40 часот полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Ш.А. (36) од истото село. Претходно, во 12:00 часот во просториите на Одделението за криминалистичка полиција Тетово, неговата 57- годишна мајка, пријави дека во нивниот семеен дом, Ш.А. и се заканувал со нож. Тој е задржан во полициска станица за понатамошна постапка.
Вчера во 02:10 часот во беровско, полициски службеници од ОВР Берово го лишиле од слобода С.С.(42) од беровско, постапувајќи по претходна пријава дека на 23.05.2026 околу 22:30 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 35-годишна сопруга.
Во 09:45 часот вчера во ОВР Пробиштип, 41-годишна жена од Пробиштип пријавила дека истиот ден, во семејниот дом, по претходна расправија била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер Т.Н.
Синоќа во 22:30 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишиле од слобода О.Ф.(20) од Струмица, постапувајќи по претходна пријава од неговата 19-годишна невенчана сопруга од Штип, дека додека престојувале во објект во близина на плантажи во Кавадарци, физички ја нападнал. Тој бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Полициски службеници од СВР Скопје синоќа во 23:30 часот го привеле М.Н.(20) од Скопје, по претходна пријава дека во семејниот дом на подрачјето на Карпош ѝ упатувал закани на неговата 55-годишна мајка, а притоа оштетил и дел од инвентарот.
Од МВР посочуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и најавуваат дека по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.
МИА


