По „дуелот“ со Заев, Мицкоски право кај Орбан по поддршка

Унгарскиот премиер и претседател на владејачката партија Фидес, Виктор Орбан, денеска го прими раководството на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Христијан Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски, во Будимпешта во манастирот „Кармелито“, седиштето на унгарскиот премиер.

Една од темите на состанокот, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, била справувањето со ковид-кризата, која претставува заеднички предизвик на државите од Европа, при што Мицкоски ја потенцирал потребата од поддршка и отворена соработка, со оглед на фактот што Македонија е една од земјите која досега има најголеми последици од оваа пандемија.

Мицкоски посочил дека во изминатите години македонската влада има исклучително слаб учинок во справувањето со корупцијата и подобрувањето на економскиот амбиент во државата. Тој рекол дека македонскиот народ заслужува отворање на процесот на преговори со Европската Унија, затоа што реформските политички сили предводени од ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласил, многу скоро ќе имаат можност да спроведат брзи и итни чекори за приближување до европските стандарди.

Орбан на средбата истакнал дека Унгарија го поддржува приемот на Македонија во Европската Унија и дека земјата треба да биде активен учесник на следните конференции за иднината на Европа.

Од кабинетот на Орбан велат дека унгарскиот премиер изразил поддршка за раководството на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори во Македонија.

]]>

Најнови вести

Најново од Македонија, Ударни вести

Најчитани вести