Традиционално фестивалот ќе се одржи во домот на културата „Марко Цепенков“ и тоа на 26-ти мај (четврток), а покровител на истиот ќе биде Општина Прилеп.
„Прилеп Фест“ е познат по тоа што на него досега имаат продефилирано најквалитетните музички имиња од нашата земја кои оставиле бројни хитови.
Организаторите на фестивалот „One Way“ продукција, односно Борче Нечoвски и Дејан Момироски, велат дека оваа година прилепчани ги очекува вечер со квалитетни песни и тоа отпеани од најзвучните имиња од нашата фолк-сцена.
- Ни претставува огромно задоволство што повторно ќе го вратиме овој фестивал, бидејќи тој беше и ќе остане еден од симболите на градот Прилеп. Она што може да го ветиме, е квалитетна музика, познати изведувачи докажани на македонската сцена, а се разбира можност ќе добијат и неколку нови имиња – велат организаторите.
На сцената во домот на културата „Марко Цепенков“ ќе настапат дваесетина изведувачи, а своето учество веќе го потврдија етаблираните ѕвезди: Наум Петрески, Анета Молика, Елена Велевска, Татјана Стефановска, Андријана Кеш и уште неколку други.
Она што е важно да се напомене, е дека фестивалот ќе биде емитуван на една наша национална телевизија, а натпреварувачите или ако сакате изведувачите ќе бидат наградени со признание од публиката, како и стручна жирикомисија. Исто така ќе биде доделена и наградата за животно дело.
]]>


