Ракометната репрезентација на Македонија оствари победа на првиот од двата контролни натпревари што ќе ги игра во Скопје. Вечерва во „СРЦ Кале“ беше совладана репрезентацијата на Црна Гора со 33:27 (17:16).
Нашата репрезентација во „грч“ го почна дуелот со Црна Гора, која до 27.минута имаше постојано водство, а највисокото беше +3 (11:8). По тајм аутот на македонскиот селектор Ивица Обрван, нашите репрезентативци направија серија од 3:0 за изедначување. Македонија првпат поведе во 27 минута (15:14) кога ја искористи предноста од два играча повеќе на теренот.
Во вториот дел Македонија го имаше водството, а највисоката предност беше во 55.минута – 32:25. Селекторот Обрван им даде шанса на голем дел од играчите, а на клупата останаа само Никола Маркоски и Немања Прибак, додека поради повреда на коленото натпреварот го пропушти Дејан Пецаковски.
Кирил Лазаров со девет голови кај Македонија беше најефикасен, а ист број голови постигна и Васко Шеваљевиќ од Црна Гора.
Македонија во недела ќе игра против Србија, а утре играат Црна Гора и Србија.
]]>


