На 77-годишна возраст почина доајенот на македонската народна музика, пејачката Атина Апостолова. Вестта за смртта ја потврди нејзината колешка Вики Среброва за „ММС“.
„Замина мојата Тинче. Денеска ја барав неколку пати, но не ми се јави. Три часа ја барав. Ми стана сомнително и заминав кај неа дома. Кога отидов беше затворено, а живее на приземје. Повторно ѝ ѕвонев и не ми се јави, па се јавив кај сестра ѝ, која ме посоветува да одам од задната страна. Кога отидов погледнав низ прозор телевизорот работеше, а сѐ наместо ѝ стоеше. Се јавив на сестра и заминав дома. Подоцна сестра и ми се јави и ми кажа дека брат ѝ морал да го скрши прозорот за да влезат и кога влегле ја нашле почината“, зборуваше Вики Среброва за „ММС“.
Атина Апостолова ја знаеме по песните „Запејте мераклии“, „Цела вечер ќе ти пејам“, „Верувај ми“, „Усни румени“, „Те видов, и се заљубив“, „Иле Илија“ и многу други. Во својата долгогодишна кариера има испеано неколку дуети, а најпознати ѝ се со Ванчо Тарабунов („Верувај ми“) и Ефто Пупиновски („Скопските боеми“).
На фестивалот „Тумба фест“ во 2023 година ја доби наградата за животно дело.


