Претседателот на Русија, Владимир Путин, денеска телефонски разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.
По разговорот со Путин, Трамп ќе разговара и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со претставници на НАТО.
– Се надевам дека ќе биде продуктивен ден, дека ќе се постигне примирје и дека оваа многу насилна војна, војна која никогаш не требаше да се случи, ќе заврши – рече Трамп.
Путин во денешниот телефонски разговор влегува полн со самодоверба
Рускиот лидер Владимир Путин во денешниот телефонски разговор со Доналд Трамп влегува со самодоверба, пишува Блумберг.
Според извори на Блумберг, Путин е уверен дека руските сили можат да ја пробијат украинската одбрана и до крајот на годината да преземат целосна контрола врз четирите региони – Доњецк, Запорожје, Херсон и Луганск – од кои Москва побара повлекување на украинската армија во мировните преговори.
Трамп разговарал со Зеленски пред најавениот разговор со Путин
Володимир Зеленски имал телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп. Ова го соопшти телевизискиот канал Рада.

Детали од разговорот не се соопштени
Зеленски и Трамп се договориле да одржат уште еден телефонски разговор по разговорот на американскиот лидер со рускиот претседател Владимир Путин.
Бела куќа: Трамп треба да и се обрати на јавноста по разговорите со Путин
Портпаролката на Белата куќа Керолин Левит денеска изјави дека се очекува американскиот претседател Доналд Трамп да и се обрати на јавноста по неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, како и по неговиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Претседателот Трамп ќе разговара со Путин во 10 часот по американско време. Тој планира потоа да му се јави на претседателот Зеленски“, рече Ливит, пренесе Ројтерс.


