Почна хаосот во „руската ренесанса“: Режисер, академик и војник „згрмеа“ на телевизија против војната во Украина


„Русија 1“, верен информативен медиум и главен државен телевизиски канал што го поддржува Кремљ мораше да бори да ги замолчи гостите кои ја критикуваа руската инвазија на Украина, објави британски Телеграф.

Владимир Соловјов, еден од најсигурните новинари кои ја емитуваат пропагандата на Кремљ, мораше постојано да интервенира во неговата телевизиска емисија што се емитува во ударниот термин за да ги спречи критиките за руската агресија. Да потсетиме, се работи за истиот водител кој неодамна во својата емисија „Вечер со Владимир Соловјов“ видно налутено ја повика на Европската Унија да стави ред, бидејќи му бил блокиран имот во близина на езерото Гарда, каде наводно имал две вили.

За време на емисијата во живо, филмскиот режисер Карен Шахназаров рече дека постои ризик конфликтот во Украина да ја изолира Русија.

„Тешко ми е да замислам дека ќе окупираме градови како Киев. Не можам ни да замислам како тоа би можело да изгледа. Ако оваа слика почне да се претвора во апсолутна хуманитарна катастрофа, дури и нашите блиски сојузници како Кина и Индија ќе бидат принудени да се дистанцираат од нас“, рече познатиот режисер, кој отиде дотаму што повика на прекин на конфликтот.

Подоцна во емисијата слични ставови изрази и рускиот академик Семјон Багдасаров, кој праша: „Дали навистина ни треба друг Авганистан, или уште полошо?“ Тој рече и дека во Украина „има повеќе луѓе и дека се многу понапредни во ракувањето со оружје“ и дека „тоа на Русија не ѝ треба“. „Доста е“, извика академикот, на што Соловјов видно изнервиран го прекина.

Имено, спомнувањето на Авганистан во Русија е анатема. Советскиот Сојуз мораше понижено да се повлече од таа земја во 1989 година, десет години по инвазијата. Војната дома им стана многу непопуларна и економски ја исцрпи државата. Во земја каде што речиси 90 отсто од населението добива вести преку телевизија, „Вечер со Владимир Соловјов“ е една од најгледаните програми на државната телевизија, а Кремљ во голема мера се потпира на „Русија 1“ за да ја проектира пораката што му одговара на Владимир Путин.

Русија во моментов има закон со кој се казнува секој што на јавноста ѝ пренесува „погрешни“ информации за војната – што го вклучува дури и самото спомнување на „војна во Украина“. За секој кој ќе негира дека нападот врз Украина е „специјална операција“ за спас на Русите и на украинскиот народ од „нацистите на власт“ се заканува казна до 15 години затвор.

Но, шоуто на Соловјов во ударниот термин не е единственото што малку се оддалечи од официјалната линија. На телевизискиот канал на руското Министерство за одбрана „Ѕвезда“, воен офицер кој во моментот се уште е активен во службата, во емисија во живо рече дека „руските војници умираат во Украина“.

„Нашите момчиња таму гинат, во Доњецк и Луганск во специјалната операција… умираат, а нашата земја…“ почна да зборува, на што водителот нагло го прекина.

„Не, не, не, стоп!“ извика водителот, кој станал од своето биро и почнал да шета низ студиото и енергично да гестикулира.

„Нашата младост умира таму“, сакал да продолжи војникот. Во тој момент водителот го прекинал и продолжил место него: „Тоа е триумф на армијата, фашистички змии. Тоа е руската ренесанса!“

]]>

Најнови вести

Најново од Свет, Ударни вести

Најчитани вести