Полицијата со полни раце работа: „Летаат“ кривични за непочитување на мерката самоизолација

СВР-Битола поднесе кривични пријави за петмина битолчани, а Одделението за внатрешни работи Прилеп за четворица прилепчани за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.

Од СВР-Битола информираат дека поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, кое согласно закон е казниво, поднесени се кривични пријави против пет лица, и тоа Р.Р., П.Р, Е.Р, Б.Р, С.Р, сите од Битола, додека Одделението за внатрешни работи Прилеп поднесе кривични пријави против четири лица, и тоа Т.Т(38), С.Т(68),Т.А(55) и А.Б(44), сите од Прилеп.

Пријавените за време на пандемија пристигнале во државата од ризични држави, при што при влез во државата од страна на Државен санитарен и здравствен инспекторат им биле издадени писмени Решенија за домашна изолација, кои тие не ги почитувале.

Полицијата поднесе кривична пријава против 63-годишниот А.М. од Охрид заради непридржување на мерката за самоизолација.

Во текот на вчерашниот ден при спроведена контрола кај лица на кои им се изречени мерки „здравствен надзор и домашна изолација“, полицајците констатирале дека пријавениот не се наоѓа во неговиот дом и не се придржува кон мерките за 14-дневна самоизолација. Ден претходно кога авионски допатувал од Холандија во Скопје потпишал изјава дека поради тоа што доаѓа од земја што е на Листата од СЗО зафатена од коронавирус COVID – 19 ќе спроведе задолжителна самоизолација во својот дом во времетраење од 14 дена.

Со непридржување до одредбите во изјавата, тој ги прекршил мерките за самоизолација и постапил спротивно на прописите за спречување на појава, внесување, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на коронавирус COVID – 19, предвидени во одлуката на Владата и писмената наредба донесена од страна на Министерството за здравство, за што против него е поднесена кривична пријава.

Од полицијата апелираат до граѓаните да се придржуваат на мерките за спречување на ширење на вирусот, со предупредување дека кривично ќе одговара секој што нема да се придржува до препораките и изречените мерки за изолација.

MИА

]]>

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести