Поранешениот сопруг мора да ѝ плати повеќе од 200 илјади евра за 25 години чистење по дома, ништо не помагал

По разводот од сопругот жената ја добила и тужбата против него да ѝ плати за сите работи кои за време на заедничкиот живот ги работела низ домот. Според пресудата, поранешниот сопруг треба да ѝ плати 204.624,86 евра, како отштета за 25 години вршење на сите домашни работи.

Судот во Велез-Малага, Шпанија одлучил дека на жената треба да ѝ биде платена компензацијата од поранешниот сопруг за сите неплатени домашни работи што ги правела во текот на 25 години брак.

48-годишната Ивана Морал и нејзиниот сопруг се договориле да се разведат во 2020 година, а судот одлучи дека со оглед на тоа што таа ги извршувала сите домашни работи во двете и пол децении од нивниот заеднички живот, има право на надомест.

Тие одредиле надомест од 204.624,86 евра врз основа на шпанските закони за минимална месечна плата, така што Ивана сега практично е платена за извршување на сите домашни работи за време на бракот.

Како што пренесува Еуроњуз, Ивана постојано ги извршувала сите работи, а притоа придонесувала и за семејниот бизнис – во теретаната каде што исто така чистела.

Кога се развеле, таа и нејзиниот сопруг го задржале она што го заработиле во текот на врската.

Сепак, во тужбата на Ивана се наведува дека нејзе ѝ била „оневозможена секаква можна шанса за кариера поради нејзината максимална посветеност на домот и семејството“, додека нејзиниот поранешен сопруг „го акумулирал и експоненцијално го зголемувал својот имот во текот на годините на бракот“.

Ивана рекла дека таа и нејзините ќерки останале без ништо и дека никогаш не ѝ бил дозволен пристап до финансиските работи на нејзиниот сопруг.

За време на нивниот брак, бизнисот со теретаната на нејзиниот поранешен сопруг бил доволно успешен до тој степен што тој можел да купи Порше, Ренџ Ровер, БМВ мотори и огромна фарма со маслиново масло вредна четири милиони евра.

Адвокатката на Ивана Морал, Марта Фуентес, пресудата ја опиша како победа на сите жени кои вложиле многу за нивните сопрузи професионално да напредуваат.

Првично ѝ било понудено да добие половина од семејната куќа, но сега ѝ е доделен паушален надомест и ќе ѝ се исплаќа и месечна пензија од 500 евра.

Најчитани вести