Повеќе од 50.000 фанови на Оезис останаа без билети за турнејата

Илјадници билети за претстојните концерти на Оезис ќе бидат поништени, потврдија промоторите на овој бенд.

Тие за Би-Би-Си изјавија дека ќе поништат повеќе од 50.000 билети за концертите на Лиам и Ноел Галагер во Обединетото Кралство, продадени преку секундарни платформи и нагласија дека сите откажани билети повторно ќе бидат достапни по основната цена на „Ticketmaster“, официјалната страница за продажба на билети. Сето ова следи откако во август беа пуштени во продажба 1,4 милиони билети, со најавата за турнејата на повторно обединетите Оезис.


Бендот ќе одржи концерти во Манчестер, Кардиф, Лондон, Единбург и Даблин, а планираат настапи и во Соединетите Американски Држави, Канада и Австралија. Како што можеше да се очекува, илјадници билети се појавија на местата за препродажба во рок од неколку часа по првичната продажба, а промоторите на турнејата сега најавуваат откажување на многу такви билети.

Промоторите, исто така, ги предупредија фановите веќе да не купуваат билети од неовластени сајтови бидејќи може да бидат лажни или да им бидат поништени. Најавија дека „во тек е детална анализа на продажбата на билетите“ и дека резултатите ќе бидат проследени до надлежните законодавни тела.

Најчитани вести