Пред храмот Св. Сава во Белград со часови се чека во ред за поколонение пред Појасот на Пресвета Богородица

Редот е долг најмалку два километра, се чека со часови, но верата и вербата за благослов, не им дозволуваат да се откажат на десетици илјади православни верници да се поклонат пред Појасот на Пресвета Богородица што е донесен од манастирот Ватопед на Света Гора во храмот Свети Сава во Белград. 

Во редот нема нервоза, има мир и тишина пред платото на храмот од луѓето кои чекаат да се поклонат пред една од најголемите христијански реликвии. Некои се дојдени од Белград пред изгрејсонце, некои организирано со автобуси од цела Србија, од Северна Македонија, од БиХ…

Појасот на Пресвета Богородица ќе остане во црквата Свети Сава до 5 јуни, објави синоќа поглаварот на Српската православна црква, патријархот Порфирије. Патријархот изјави дека поради големиот број верници кои чекаат со часови за да се поклонат, престојот на Појасот во Белград е продолжен по вторпат со одлука на игуменот Ефрем на манастирот Ватопед.

„Блага вест oд нашиот старец Ефрем, а тоа е дека, бидејќи покажувате толку многу љубов кон Пресвета Богородица и не жалите за времето и трудот на ова сонце да стоите надвор, драги браќа и сестри, благата вест за вас е дека Појасот на Пресвета Богородица ќе остане до следниот петок“, рече вчера српскиот патријарх.

Во криптата на црквата Свети Сава, вчера предавање одржа ватопедскиот игумен Ефрем на тема „Духовни пораки од Атос“.

Појасот на Пресвета Богородица пристигна во Белград на 20 мај, по повод Вознесение Христово – Спасовден, одбележување на славата на Белград и во следниот ден беше организирана литија низ улици во центарот на градот.

Со овој обичај, Белград го зачувува споменот на тој ден во 1403 година кога деспот Стефан Лазаревиќ го прогласил за српска престолнина, а верскиот празник за слава на градот. По пауза од околу половина век, славата за првпат била одбележана во 1992 година со скромна литија околу црквата. Официјално е обновена следната година, кога патријархот Павле ја предводел литијата за Спасовден низ градските улици.

Пред храмот Св. Сава има цистерна со вода, температурата напладне е веќе околу 35-от степен, и по неколкупати интервенира Брзата помош.

– Благословот ќе биде голем бидејќи векови поминале преку тоа парче платно, и тоа што чекам неколку часа не се споредува, вели Милица (30) која со сопругот е дојдена од Алексинац. Додека даваше изјава за МИА, раката нејзина ја стискаше таа од сопругот.

Велат „така ќе биде додека не се поклониме пред Појасот. И, потоа пак заеднички, и пак со рацете“. 

– Овде сум за да ми се олесни маката. Како едно семејство сме додека чекаме. Си ги разменуваме маките за да ни биде полесно под жешково сонце, за да издржиме да го допреме Појасот, додава Александар (40) од Белград.

Според преданието, тој појас, исплетен од камилски влакна од самата Богородица, има исцелителна моќ, особено за оние кои се борат за потомство и здравје.

– Знам според она што сум читала, дека Богородица сама го исплела тој појас од камилски влакна. Нека им помогне на сите кои веруваат. Нејзиното присуство е она што го претвора овој простор во извор на жива енергија, вели Милица (30) од Младеновац.

Појасот на Богородица е поделен на неколку делови, неговиот најголем дел се чува на Света Гора од 14 век, кога српскиот кнез Лазар го подарил на манастирот Ватопед. Затоа, неговото враќање во Србија за многумина има и длабоко историско значење.

Во Ватопед се чуваат седум чудотворни икони на Пресвета Богородица. Секој ден во манастирот се служи молебен пред чудотворните ликови на Богородица, но најголемото богатство на манастирот е Чесниот Појас на Пресвета Богородица, реликвија што е позната низ целиот христијански свет по своите чуда.

Појасот на Богородица е познат на православните христијани по своите чуда уште од дамнешни времиња – според верниците, им помага на жените кои страдаат од неплодност и дарува радост за мајчинство. Реликвијата е зачувана уште од времето на земниот живот на Богородица.  Таа самата го исплела тој појас од камилски влакна, а по Успението, при вознесението на небото, му го предала на апостол Тома.
За што се моли пред Појасот на Пресвета Богородица:
за исцелување од неплодност;
за отстранување на проблеми за време на бременост и породување;
за помош при раѓање здраво дете;
за исцелување од сите болести, вклучително и рак.

Секој верник откако ќе го допре Појасот во храмот Св. Сава добива и мала, благословена лента што претходно била допрена до Појасот.

Верниците продолжуваат да чекаат да се поклонат пред чудотворниот Појас, за благослов и за да не им биде гласот тежок во молитвите во време на брз живот и дигитална оттуѓеност.

„Благословени сме во овие денови затоа што ја чекавме посетата на Мајката на сите нас, Пресвета Богородица, преку нејзиниот чудотворен Појас да нè благослови, да нè зајакне, да нè излекува од болести, слабости и сè што нè оптоварува, што нè отуѓува од себеси, од ближните и од Бога“, нагласи во една од беседите српскиот патријарх.

МИА

Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести