Во полициска акција што е во тек од рано утрово за измами поврзани со европските земјоделски субвенции, во областите на Солун, Килкис, Сер и Атина, уапсени се 17 лица, кои нелегално се стекнале со над 4,5 милиони евра, информираа од грчката полиција, јави дописничката на МИА од Атина.
За 24 часа ова е втора ваква акција на полицијата за разбивање на криминални организации чии членови се вмешани во измама на штета на финансиските интереси на Европската Унија, како и во давање лажни изјави, откако вчера во делови на островот Крит беа уапсени 22 лица кои нанеле финансиска штета од над три милиони евра.
Денешната акција ја води Дирекцијата за борба против организиран криминал во северна Грција, а детални информации се најавени по завршувањето.
Во однос на вчерашната операција на Крит, соопштија дека членовите на криминалната организација „професионално и континуирано извршувале тешки облици на измама на штета на финансиските интереси на Европската Унија и националната економија, преку лажни пријави за незаконско добивање земјоделски субвенции“, а освен уапсените 22 лица, во предметот се вклучени и други 116 лица.
Процените се дека од целокупното дејствување на организацијата на Крит, од 2019 до 2024 година, причинетата штета врз интересите на ЕУ и државата изнесува најмалку 2.733.995 евра, без да бидат вклучени податоците за финансиските субвенции добиени во 2025 година.
МИА


