ПРЕДНОВОГОДИШНО СО ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ: САКАВ ДА УЧАМ, АМА И ДА ВОЗАМ МОТОР ПО ПЛАНИНИТЕ

Премиерот Зоран Заев во интервју за Факултети.мк раскажува за неговите студентски денови, за омилените предмети во училиште, но отворено кажува и што му пречи во денешното образование. Вели дека е на страната на учениците и смета дека кога тој бил ученик, сите биле далеку порастоварени. „Не може по цел ден децата да бидат на училиште и да имаат огромен број предмети, па сакаме да ни се весели и спокојни“, вели тој.

Премиерот Заев учествувал на натпревари по математика и по физика

– Сакав да учам. Ама сакав и да другарувам, сакав и слободно време за работи што ми значат, до денес. На пример, возење мотор. На почетокот гледав, читав за тоа, потоа почнав и да возам, па и по планините – вели премиерот Зоран Заев во предновогодишното интервју за Факултети.мк. Тој раскажува каков ученик бил, што го интересирало додека студирал, како си ги остварил соништата. Економскиот факултет во Скопје го студирал со голема желба да научи, а не со мисла „што ќе стане“ во животот. Вели дека секогаш е на страната на учениците и на младите.
– Сакаме да ве мотивираме да учите, да работите и да живеете во Македонија, вели Заев.

Додека растевте, дали некогаш помислувавте дека секој Македонец ќе го знае Вашето име и презиме, имавте ли такви детски желби?
– Имав желби како и секое дете, поврзани со нешта или личности што ме правеа среќен. Ми се чини дека индивидуалните постигнувања се директно поврзани со тоа колку ни е силна желбата да дојдеме до тоа што нѐ прави среќни. До денес, повеќе сум посветен на патот отколку на самата цел. Така што, не, не сум размислувал конкретно за тоа секој да ми го знае името и презимето. Но, секому му е убаво да почувствува дека се вреднува она што го сработил, а јас многу од тоа што го постигнав е низ личен труд и многу соработки.

Секогаш е на страната на учениците


Родителите денеска често знаат да се пожалат дека децата се преоптоварени во училиште, но и дека новото време им носи малку слободни мигови за дружење со пријателите. Како Вие ги поминувавте ученичките и средношколските денови?

– Имав поддршка од родителите и тогаш, како што ја имам и сега. И колку и да немам простор да сум дневно, активно присутен до моите деца, се обидувам таа поддршка и тие да ја чувствуваат затоа што таа родителска поддршка е многу важна за сигурноста и спокојот на детето. Без нив, тешко успех. И затоа сум им благодарен на моите родители. Како ги поминував? Ученички, студентски, со сѐ што тоа значи. Сакав да учам. Ама сакав и да другарувам, сакав и слободно време за работи што ми значат, до денес. На пример, возење мотор. На почетокот гледав, читав за тоа, потоа почнав и да возам, па и по планините.

Каков ученик бевте?
– Одличен ученик бев. Ми одеше математика, професорите велеа дека ми лежат природните науки. Одев и на натпревари по математика и по физика, завршниот испит за матурата ми беше математика. Но, сите предмети ги учев, немав некој предмет што не ми оди, или кон кој имав одбивност.

Сакал да учи, но и да другарува

Сте дипломирале на Економскиот факултет на УКИМ, а на истиот универзитет ги завршивте последипломските студии по монетарна економија и финансии. Што Ве привлече кон изучувањето на економијата?
– Почетоците си покажуваат дека ете, имало некој првичен потенцијал кон разбирање на математиката, што е основа сепак за економијата. Ама да, да се одлучиш тоа да ти биде животна определба, треба и нешто друго. За мене, тоа беше желбата да придонесувам за некое пошироко добро. Моето семејство работеше земјоделство, потоа отворивме и фирма, тоа значеше и други вработени, и давање плати. Mе заинтересира начинот како може да се постигне успех, сите да се задоволни. Веројатно тоа бил мотивот, затоа што навистина Економскиот факултет го студирав со желба да научам, а не со мисла „што ќе станам“.

За многумина студентските денови се најубавиот период во животот, какви спомени Ви будат?

– Убави. Секој период од животот е убав, и со другарите на улица во детството, и со другарите во студентските денови додека потцртувавме материјали до доцна во ноќта и се смеевме, или си дошепнувавме во амфитеатарот за тоа кој каде бил претходната вечер, па си правевме шеги и на своја сметка, или додека споделувавме некои незгодни искуства со некој испит, или со нечија симпатија. Студентските денови се сметаат за најубавиот период во животот можеби поради тоа што сме доволно возрасни за да учиме кога сакаме, да излеземе кога сакаме и со кого сакаме, а сепак доволно млади за „под капата“ на родителите да се чувствуваме сигурно, без да мислиме посебно на сериозни обврски. Иако јас во слободното време помагав и дома во работата, што ми помогна многу во практичните искуства за она што го учевме на факултет.
Премиерот повторно во клупите пред прославувањето 20 години од матура

Го искусивте ли студентскиот живот во Скопје? Живеевте тука во студентските денови или останавте во Струмица?
– Да, живеев во Скопје, со тројца цимери во населбата Капиштец, на улицата „Иво Лола Рибар“. Супер искуство е ваквиот студентски живот, малку оддалечен од дома. За родителите можеби не е баш најпријатен, ама големо училиште е тоа, уште еден факултет, животен овој, затоа што насочува кон одговорност и самостојност, кон избор на навики што може да нѐ направат горди, или да извлечеме „дебела“ поука. А животот покажува дека колку порано научиме или извлечеме поуки за тоа што е вредно, толку побрзо можеме да им се посветиме на вредностите. А ако им се посветиме на вредностите, нема шанса тоа да остане без резултати.

На кои професори што поминале во Вашиот живот им се одушевувате и зошто?
– На професорите што имаа трпение, тие најмногу ми го привлекуваа вниманието. Бидејќи има ученици, си се знаеме меѓу себе, нели, кои на пример знаат, ама не можат да се искажат. Или изгледаат незаинтересирани, или недисциплинирани, а всушност треба само да им се посвети соодветното внимание, да бидат испровоцирани да го дадат тоа што надворешно не може да се види. Ете тие професори до денес ги паметам и мислам дека таквите професори носат вистинско знаење и развој за младите.

Кој Ви беше најтешкиот испит на факултет, а што Ви предизвикуваше мака во средното училиште?
– Кога немаше да научам, тогаш имав мака – дали да се појавам на испитот и да одам на среќа или воопшто да не појдам. Инаку, ако беше подготвен испитот, не ми беше проблем, кој и да беше. А во средно, за мака не знам, ама се сеќавам дека недела и понеделник ми беа тешки. Мислам и денешните ученици ќе се согласат, недела посебно, ако мора да се доучи, а понеделник, после некој релаксиран викенд.

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести