Стевчо Јакимовски во недела ќе се бори за својот петти мандат како градоначалник на општина Карпош. Иако во јавноста доста се шпекулираше, а и теренските информации потврдуваа опозициска соработка, сепак тој не доби јавна и официјална поддршка од опозициската СДСМ.
Лидерот на партијата Венко Филипче денес повика гласачите на СДСМ сами да одлучат кому ќе го дадат гласот во вториот круг, онаму каде СДСМ нема свој кандидат, при тоа потенцирајќи дека трендот на пад на поддршката за ВМРО-ДПМНЕ е видлив и мора да продолжи.
Политичката логика укажува на тоа дека „црната листа“ на САД на која Јакимовски се најде лани, може да била пресудна за да добие јавна поддршка од СДСМ. Во образложението за причините за ставањето на црната листа, Стејт Департментот лани истакна дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.
Покрај Јакимовски на црната листа на САД се и Орце Камчев, Кочо Анѓушев, Никола Груевски, Сашо Мијалков…


