Претседателот на руската Дума, Вјечеслав Володин, во Пјонгјанг се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун

Претседателот на руската државна Дума, Вјачеслав Володин, се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за време на официјалната посета на Пјонгјанг, објави синоќа рускиот Парламент.

Володин, близок сојузник на претседателот Владимир Путин, му ги пренесе поздравите на рускиот лидер и му се заблагодари на Ким за поддршката на Северна Кореја за воената кампања на Русија во Украина.

Путин во вторникот телефонски разговараше со Ким и го информираше за планираните разговори со американскиот претседател Доналд Трамп во Алјаска.

Ким испрати одговор на писмото на Путин, кое Володин го достави во чест на 80-годишнината од ослободувањето од јапонската колонијална власт, објави денеска државната  агенција КЦНА.

Во писмо до Путин, Ким наведува дека севернокорејските и руските војници воспоставиле „пријателство и единство“ на бојното поле за да се борат против „заеднички непријател“ што тој не го идентификувал, пренесе КЦНА.

Пјонгјанг и Москва го потврдија распоредувањето на севернокорејски трупи за поддршка на руската офанзива против Украина за повторно заземање на Курскиот регион.

Јужнокорејската разузнавачка агенција во јуни соопшти дека Северна Кореја е потенцијално подготвена да испрати повеќе војници во Русија.

МИА

Најчитани вести