Генералниот директор на Прилепскиот тутунски комбинат Александар Дерменџиев на денешната прес-конференција соопшти дека во тек е одобрувањето на банкарски кредит за да се доооткупи и да се доисплати планираниот род тутун.
– Денеска е во фаза на одобрување банкарскиот кредит во Љубљанска банка во Словенија, а утре треба да се потврди. Потоа ќе ги дефинираме формалностите за залогот во тутун што ќе го дадеме за кредитот. Формалностите треба да завршат деновиве за што ќе ја информираме земјоделската инспекција. Очекувам кон крајот на оваа или почетокот на идната недела да продолжи откупот на тутунот, изјави Дерменџиев.
Според него, комбинатот останал без средства зашто интензивно откупувал, а просечната цена е 172 денари. Откупени се 1.370 тони што е 40 отсто од договорените 3.000 тони тутун, а е повеќе од просекот од 30 проценти на ниво на држава.
– Нема потреба од паника, ние и законски сме обврзани да го откупиме договореното, нагласи Дерменџиев.
Тој подвлече дека не се случува прв пат да се дообезбедуваат средствата до 9 милиони евра, колку што се потребни, за да се покрие целата исплата. Овој откуп, додаде, бил потежок зашто е зголемено призводството во регионот, а за 6 проценти е намалена побарувачката на цигари.
Комбинатот има одредени залихи тутун, но тие не се пречка за откупот и исплатата на новите количества, вели Дерменџиев.
Што се однесува со стратегиското партнерство со Филип Морис, во тек се усогласувањата по драфт верзијата на договорот што стигна од светскиот производител.
– Интензивно ги усогласуваме разликите што произлегуваат по драфт верзиите на договорите од Филип Морис. Тие треба да завршат за 2 – 3 недели. Потоа договореното ќе биде на дневен ред на Собранието на акционерите. Се очекува за два до три месеци да почне и производството на цигари за Филип Морис, најави Дерменџиев.
]]>


