Пристигнаа првите патници со новата авиолинија Осло – Скопје

На Меѓународниот аеродром Скопје денеска пристигнаа првите патници од Норвешка со новата авионска линија Осло – Скопје. Овие две дестинации авионски ќе ги поврзува авиокомпанијата Норвеџиан Ерлајнс.

Првите патници на аеродромот во Скопје ги пречекаа Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.

Овој месец се воспоставија неколку нови линии од охридскиот аеродром, а од денеска и линијата Скопје – Осло.

„Влегувањето на норвешката авиокомпанија на македонскиот пазар е само потврда на успешните политики што ги реализираме заедно со ТАВ Македонија.  Создавајќи поволни услови за авиокомпаниите, ја доближуваме земјава поблизу до европските пазари.

Од Меѓународниот аеродром Скопје до сега бевме поврзани со Осло преку авиокомпанијата Визер, но со оваа нова линија на Норвеџиан ерлајнс даваме дополнителна алтернатива и можност за унапредување на економијата, туризмот и генеранлно  конкецијата со Норвешка. Линијата ќе сообраќа два пати во неделата и уверен сум дека ќе отвори многу нови перспективи и зближување помеѓу двете земји“, изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Тој рече дека годинава ќе се оствари рекордно ниво на авиосообраќај од нашите два аеродрома.

„Само за споредба во периодот јануари – средина на јуни 2023 имаме зголемување од 44% во однос на истиот период изминатата 2022 година, што е силен доказ за нашата посветеност и упорност да овозможиме подобри услови и услуги во авиосообраќајот во земјава“, истакна Бочварски.

Најчитани вести