Приведен директорот на ЈЗУ „Здравствен дом“ – Охрид

Управата за финансиска полиција поради постоење на основано сомневање за сторен финансиски криминал тежок повеќе од 7,5 милиони денари, до Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе кривична пријава против директорот на Здравствениот дом Охрид и двајца негови најблиски соработници. Трите лица се товарат дека во периодот 2010-2014 година сториле повеќе кривични дела и тоа „Проневера во службата“, „Поттикнување“, „Помагање“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“.
Осомничените четири години подигале готови средства уплатени на име на партиципација од страна на пациентите, со што , го оштетиле Буџетот на ЈЗУ Здравствен дом Охрид за околу 125 000 евра. Добро организирани   партиципацијата на пациентите наместо во касата на здравствен дом  си ја ставале во џеб.

Во проневерата на директорот му помагала шефицата на сметководство, која му била човек од доверба и уште еден вработен на висока позиција во здравствената установа. Вработениот  секој ден по пребројување на дневниот промет, телефонски го известувал директорот за износот, по што добивал задача колкав дел од прометот да го уплати на банкарската сметка на Здравствениот Дом, а остатокот без никаков писмен документ  му го давал лично на рака на директорот,  кој парите од пациентите си ги користел за задоволување на своите лични потреби.

За да ги прикрие трагите на криминалот благајничката само дел од финансиската документација ја евидентирала во сметководствената евиденција на здравствениот дом, но и изготвувала фалсификувани завршни сметки.

Основниот суд Охрид на трите пријавени лица им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Двајца од пријавените се веќе уапсени од страна на Финансиската полиција додека  по директорот  кој е во бегство, распишана е потерница и по истиот интензивно се трага.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести