Камен да беше срцето, ќе пукнеше.
Нема ден во медиумите да нема некоја сензационална вест поврзана со политичката криза во Македонија. Денес, оставката на Ставревски е вест на денот, и разбуди многу полемики и претпоставки, која е вистинската причина за тоа, бидејќи навикнавме дебелокошци да се занимаваат со политика. Државата ни ја водат личности без срам и намус, без чест и морал, без политичка и кривична одговорност, со желба да си го завршуваат мандатот безгрижно, покрај сите сознанија за нивните незаконски дејанија, кои се пласираа во јавноста со проектот Вистината за Македонија.
После десет години министерување во влада на бандитската фамилија на власт, која украде милијарди евра народни пари, не е чудно и срцето да го фатило Ставревски. Го знаете, тоа е онај истиот кој заедно со Јанкуловска мафташе со рачето кога ги исфрлаа опозициските пратеници на клоци од Парламентот, и се носеше неразумен и мегаломански Буџет во Собранието на Република Македонија. Истиот тој со саати и саати си разговараше со Министерката на МВР за сите лудости и криминали на неговите сопартијци. Сега ни да разговара не може повеќе со неа, за да се релаксира, а и дозна последен кумот дека го прислушкуваат токму неговите. Се надевам ќе оздрави, доколку навистина има некоков здравствен проблем и ќе одговара што дозволи толку пари немило и недраго да се одлеат од Министерството за финансии во приватни џебови на фамилијата. Оваа политичка криза предолго трае, време е конечно да понесат одговност властодршците, СЈО да си ја доврши работата со некаков специјален оддел во судот и да има правични пресуди.
Сепак, мене најповеќе ме интересира, парите украдени дали ќе ги вратат, долговите и кредитите дали ќе ги подмират, касата Буџетска кој ќе ја полни со економија и стопанство на колена и армија од административци, пензии и социјала дали на време ќе се исплатат, оти со кредити се намируваат доспеаните обврски.
Каква и техничка, експертска, партиска или стручна идна влада тешки главоболки ќе има да воспостави демократија и слобода, ама парите најголем камен на сопнување ќе биде за секоја идна власт.
Долго лето и мачна есен не очекува сите нас на општествен план. Народот два месеци е на улица, а дружината од врхушката партиска на екс-премиерот безгрижна, се однесуваат како глуви и слепи да се пред реалноста. Психичко здравје на Груевски сега позагрижувачко е за мене и од физичкото здравје на Ставревски.
Татковино, издржи, ќе дојдат и подобри денови за сите нас. Македонија е се што имаме.
Пишува: Наташа Струмениковска



