По вчерашниот инцидент што се случи за време на натпреварот од ракометната Лига на шампиони меѓу македонските екипи Вардар и Металург, ракометниот клуб Вардар се огласи со соопштение до јавноста, во кое најостро се осудува секој вид на насилство на спортските терени.
– За време на вчерашниот натпревар се случи инцидент во кој едно лице се обиде да ја загрози безбедноста на натпреварот и да ја наруши ракометна слика за Македонија која е на највисоко ниво во нејзината историја, се вели во соопштението од Р.К. Вардар.
Од клубот информираат дека се уште не е изготвен официјалниот извештај на ЕХФ, а воедно и ги демантираат шпекулациите во јавноста дека Р.К. Вардар веќе заработил казна за лоша организација.
– Против лицето кое го предизвика инцидентот, надлежните институции веќе презедоа соодветни мерки за санкционирање, истакнуваат во соопштението на македонскиот првак Р.К. Вардар.


