РАНКО ДАКИЌ – интервју: Скопје 2014 е терористички чин и треба да се отстрани

Ранко Дакиќ, сликар и скулптор од Кавадарци кој скоро 30. години живее и работи во Берлин. Завршил ликовна академија во Скопје, прва генерација, отсек вајарство во класата на професор Петар Хаџибошков. Од сликарот Петар Мазев ги добил првите импулси во сликарската постапка. Ранко Дакиќ е уникатна личност која има што да каже за денешните македонски премрежја, како за неговото Кавадарци, така и за Македонија во целина. 

 

БРИФ: Долго време живеете во Берлин, родум сте од Кавадарци, па прво нешто што ми паѓа на ум е тоа дали имате национална одредница во себе, да речеме, кога сте во Кавадарци – кавадарчанец; кога сте во Берлин – „источен“ или „западен“ берлинчанец, можеби  германец?

Ранко Дакиќ: Роден сум во Скопје случајно, не по мој избор, во Кавадарци сум дојден на 4. годишна возраст. Во Берлин исто така дојдов случајно. “Националната одредница” ништо не ми значи, односно значи онолку колку што има административна функција, географски ориентир, табла на граничен премин. Имам име и презиме, тоа е доволно, си го носам товарот со себе, толку колку што тежи.

БРИФ: Дали широчината на еден голем град (во културна смисла) како Берлин може да се „таборизира“, дали може да се гледа светот во табори, во тесногради национални културни парадигми?

Ранко Дакиќ: Тоа е апсурд, светот може да го гледате само со објектив кој го опфаќа целиот негов обем-волумен.  Со “тесногради национални културни парадигми” може да го видите само своето мочуриште. “Национални културни парадигми”,  денес такво нешто не постои во Европа, односно постои како измислица, диктат и насилие. Не постои национална култура исто како што не постои национална математика или медицина. Постои национално културно наследство, национална историја, национално богатство, тоа се седименти, слоеви, траги, кои се напластени низ епохите. Да извлечете еден слој, да го катапултирате во некое идно време и’ да кажете дека ова е приоритет или концепт на “национална културна парадигма”, тоа е исто како од една книга да отсечете неколку страниците и’ да кажете ова е култура, ова е патот. Културата е човечки капитал, а не национална привилегија.

БРИФ: Живеете во Берлин, „изместени“ измеѓу две релации, дали вашата општествена позиција во која егзистирате е пристрасна или непристрасна према македонската политика?Поточно, дали дистанцата ве прави да се чувствувате рамнодушен кон се’ она што се случува во Македонија?


Ранко Дакиќ
: Релациите не се изместени, мојата релација е една, просторот е изместен однатре, тоа што вие го нарекувате “македонска политика” . Во дадениов случај тоа е криминал, криминалот е навлезен во државните институции и тоа треба да го нарекуваме “политика”?!  Она што се случува во Македонија е ужасно екстремно. Кон такво нешто како може да имам дистанца, како човек што тоа го гледа, како да се чувствувам рамнодушен?!

БРИФ: Што би значело влезот на Македонија во Европа?

Ранко Дакиќ: Влез во поширок, универзален, покомплексен простор.

БРИФ: Што значи вашата уметност во толкав културен простор како Берлин и Европа во целина?

Ранко Дакиќ: Немам поим, не размислувам за тоа, единствен простор каде што имам влијание и моќ тоа е моето атеље, тоа е мојот најголем капитал; веќе три децении делувам индивидуално како самостоен сликар и скулптор, тоа ми го овозможува оваа држава, овој град. Претпоставувам дека Берлин и Европа многу повеќе значат за мене отколку јас за нив.

БРИФ: Како ја гледате денес Македонија, како ги гледате луѓето, која е разликата измеѓу еден просечен германец и еден просечен македонец?

Ранко Дакиќ: Денешна Македонија ја гледам како опустошена територија, проклета авлија, депонија на изопачени вредности, триумф на неморалот, криминално дувло, земја на деструкцијата, земја што се распаѓа и физички и духовно….  За просечниот Германец не сум размислувал. Мислам дека многу сака да патува, да осознава, да прими информација, да ја надмине просечноста. Просечниот Македонец не знам што сака,  но знам дека има многу желби, ми делува конфузен, некако изгубен во просторот и времето, жртва на самиот себе.

БРИФ: Што значи во културна смислам проектот “СКОПЈЕ 2014“? Или можеби вистинското прашање би било: зошто на Македонија и беше потребен таков спектакл со Скопје 2014?

Ранко Дакиќ: Овој проект наречен “Скопје 2014” не значи ништо, во никаква смисла, ниту во било која консталација. За оние што го направиле сигурно значи „многу“ нешто.  Ако ја набљудуваме неговата доминантно-националистичка содржина, со целата монструозна мускулатура и восклик кон националната гордост, во денешна Европа, и во земја каде што низ епохите имало и има премрежувања од разни култури, овој проект е терористички чин. Неговото постоење е манифестација на насилие врз се’ она што денес го нарекуваме КУЛТУРА.

БРИФ: А што понатаму? Дали сметате дека овој прoект треба да се уништи, потрошени се стотици милиони евра, и дали тоа e возможно? 

Ранко Дакиќ: Скопје 2014. не треба да се уништи, Скопје 2014. треба да се отстрани, тоа повикува на тоа, ја бара својата гробница. Не постои во светот проект со таков габарит и деструктивност. Тој огромен потенцијал на деструктивноста е фасцинантен, затоа мислам дека треба да се дислоцира во адекватен простор кајшто спокојно ќе ја доживува својата смрт. Скопје 2014. треба да се изолира од скопската котлина, надвор од урбаниот простор, како посебен град, осамен град на духовите. Град којшто сам за себе ќе биде реминисценција на својата изопаченост. Само во тој контекс овој проект може да се надмине самиот себе, и’ да добие една нова димензија, димензија со која ќе отпочне процесот на негово распаѓање и почеток на една нова епоха за Македонија. Финансирањето е најмал проблем ако се има политичка волја.

БРИФ: Како денес ви изгледа Кавадарци во културна, во политичка, во меѓучовечка смисла? 

Ранко Дакиќ: Исто како што погоре ја опишав Македонија. Кавадарци е дел од македонската апокалипса.

БРИФ: Дали овој град ветува или се работи за типичен град од внатрешноста, потиснат од централизираното Скопје, неисклучувајќи ги сите карактиристики на една типична провинција?

Ранко Дакиќ: Не е важно дали Кавадарци е провинција, тоа ќе си остане и понатаму географска провинција, страшен е провинцијализмот кој го има зафатено Скопје, и цела Македонија. Кавадарци е потиснато од централизираното Скопје затоа што цела Македонија е потисната од централизираната власт. Тоа е систем на централизација.

БРИФ: Како се развива вашата уметност денес? Дали за вашите дела ви е доволен Берлин, или би било добро кога би се отворило Скопје, вашето Кавадарци, можеби?

Ранко Дакиќ: Мојата приказна е започната како биолошки процес, така и ќе продолжи како случајност и нужност.   Малку воздух, светлина и земја, и веќе се ствараат аминокиселини. Скопје и Македонија треба истовремено да се отвори и да се затвори. Да се отвори за критериум и принципиелност, за обврска и одговорност, а да се затвори за измама и глупост. Понатаму се’ е едноставно.

 

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести