Ристоска на фб: Под притисок и заплашување сум

Обвинителката Ленче Ристоска тврди дека е изложена на притисоци и закани поради предметите што ги води против ВМРО-ДПМНЕ.

Откако судот реши да го замрзне имотот на партијата, меѓу кои и седиштето, Белата палата, на веб страницата на ВМРО ДПМНЕ беше објавено соопштение во кое таа е наречена „тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“. Ристоска реагира дека станува збор за напад и заплашување од партија која во моментот е и носител на извршната и законодавната власт.

Потсети дека токму таа како обвинителка ги застапува предметите „Талир 1“ и „Талир 2“, во кои ВМРО ДПМНЕ и нејзини поранешни функционери се обвинети за перење пари и незаконско стекнување имотна корист. Судските процеси сè уште траат, а со судска одлука се замрзнати партиското седиште и уште 68 недвижности.

„Соопштението на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, која во моментот е и носител и на извршната и законодавната власт, не е само критика на мојата работа како обвинител, туку со оглед дека се споменува ‘крај’ и ‘време на вистинска правда’, ова соопштение, испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител. Впрочем ова соопштение е само уште еден од низата напади на кои сум изложена изминатиот период.“

Ристоска побара од ВМРО-ДПМНЕ во рок од седум дена јавно да се извини или да ги докаже тврдењата дека нејзиното делување било политички инструирано, дека самата си исплаќала бонуси и дека користела службени картички. Во спротивно, ќе покрене постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда против партијата.

„Како обвинител јас имам, не само право, туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела.“

Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, објавено на 14 октомври, се наведува дека Ристоска била „поранешна ѕвезда на пропаднатото СЈО“ и дека таа и нејзините колеги „со ентузијазам користеле службени картички и дневници“. Партијата тврди дека обвинителството во кое работела Ристоска било „партиска испостава на СДС и ДУИ“. Ленче Ристоска беше еден од тројцата кандидати за судија во Судот за човекови права во Стразбур, кои Владата не ги прифати оти не ги исполнувале условите, без да образложи кои се тие услови.

извор: 24.mk

Најчитани вести