Европската ракометна федерација (ЕХФ) денес донесе официјална одлука за неодиграниот втор финален натпревар од Европскиот куп помеѓу тимовите на Алкалоид и АЕК Атина во Скопје. Според одлуката, ЕХФ смета дека тимот на АЕК, со одбивањето да го одигра финалниот меч во Скопје, ги прекршил релевантните прописи.
„Резултатот од вториот финален меч од Европскиот куп на ЕХФ 2024/2025 помеѓу РК Алкалоид и РК АЕК Атина е 10:0 во голови и 2:0 во поени. Првиот меч заврши со победа на РК Алкалоид од 29:25. Со тоа, РК Алкалоид е прогласен за победник на Европскиот куп“, се вели во соопштението на ЕХФ.
РК Алкалоид со објава на Инстаграм ја прослави титулата и се заблагодари на сите за поддршката.
„Ова не е само победа. Ова е уште една потврда за големиот успех и за квалитетот на нашиот тим и на македонскиот ракомет! По извојуваната победа во Атина во првиот дуел, противникот РК АЕК одби да го одигра реванш-натпреварот во Скопје од свои причини.
По разгледувањето на сите случувања и докази, ЕХФ донесе одлука за службена победа од 10 : 0 голови и од 2 : 0 поени за РК Алкалоид. Трофејот од Европскиот куп заслужено ќе биде во нашите витрини! Честитки до нашите херои на теренот! Ова е резултат на страста, напорната тимска работа, пожртвуваноста и на непоколебливата верба!“, велат од РК Алкалоид.


