Пробиштип беше една од највработените општини во СФРЈ
Реактивирањето на старите рудници за олово и цинк во Пробиштипско меѓу двете светски војни предизвикало жителите полека да почнат да се преориентираат од земјоделство и сточарство кон рударство. Во 1937 година биле изградени електрична централа, рудничка флотација и неколку станбени згради за рударите. Сепак, вистинскиот подем почнува по ослободувањето, во слободна Македонија. Градот Пробиштип изникнал во периодот од 1950 до 1955 година, кога таканаречената рударска колонија прераснала во мал модерен град, кој од 1955 станува и седиште на истоимената општина. Блгодарение на рудникот „Злетово“, во следните две-три децении се отвораат и капацитети за производство на акумулатори, батерии, па Пробиштип стана една ид највработените општини во СФРЈ и меѓу водечките според платите во Македонија.
Градот Пробиштип никна помеѓу 1950 и 1955 година, кога стана и општински центар
Проблемите почнаа кон крајот на 1980-тите, а кулминираа пред 15-ина години, кога „Злетово“, како и „Саса“, кои дотогаш беа во општествена сопственост, престанаа со работа и речиси пет години не работаеа, па животот во двете рударски општини речиси згасна. Потоа рудниците беа реактивирани од странски инвеститори. „Злетово“ многу не се усреќи од индискиот „Индо минерали и метали“, па од пред две години рудникот го презеде бугарски „Минстрој“. Поминатата голгота уште еднаш императивно ја наметна потребата рударските градови повеќе да размислуваат за алтернативни концепти на развој во случај на слични проблеми или, подолгорочно, кога ќе се исцрпат рудните резерви.
– Пробиштип своевремено го викаа колонија или рударска колонија што асоцира на тоа дека кога ќе престане дејноста што ја создала населбата ќе згасне и населбата. За среќа, не испадна така, но мора да се размислува да не ни’ се повторува нешто слично како кога рудникот престана со работа или кога потоа го зеде сомнителната „Индо минерали и метали“, која направи милионски загуби и го доведе градот пред пропаст. Тоа беа години на нервози и стресови за пробиштипјани, па многу млади луѓе заминаа на работа или се иселија во странство. Многу пробиштипски рудари и рударски стручњаци од почетокот на овој век заминаа на работа во рудници во поранешна Југославија, најчесто во Србија, каде што и сега се повеќе од сто. Веројатно таму ќе дочекаат и пензија – вели Ванчо Трајчевски, до лани претседател на Регионалниот синдикален совет на ССМ за Штип и Пробиштип, кој долги години има работена во „Злетово“.
И најбогатиот рудник не куртули од ликвидација пред петнаесетина години
Слично беше и во Македонска Каменица кога во 2002 година беше ликвидирана „Саса“, најбогатиот рудник за олово и цинк на Балканот, кој пред 30 години вработуваше 1.650 работници. Сепак, „Саса“ имаше поголема среќа во приватизацијата. Во 2006 година беше рестартирана и успешно работи со околу 700 вработени, а во последните години редовно е меѓу десетте најпрофитабилни компании во Македонија.

Изградбата „Саса“ почнала од 1961, кога Каменица била село од разбиен тип, а на местото каде што сега е градот имало само неколку маала без никаква инфраструктура. Рудникот со работа почнува во 1966 година. Меѓу првите кои се вработиле бил и Митре Милковски од кривопаланечкото село Голема Црцорија, кој целиот работен век го поминува во „Саса“, а Македонска Каменица и денес е негов дом, како и на семејствата на неговите деца.
– Дојдов во 1962 година, уште кога се градеше рудникот. Се пријавив во управата, која тогаш беше во Пробиштип, во рудникот „Злетово“. Бев примен. Во истражните работи и на изградбата на „Саса“ работеа и многу инженери и други стручњаци од Македонија и од тогашна СФРЈ. Со семејството 18 месеци живеев во тогашната рудничка колонија кај селото Саса, а потоа се преселивме во стан во една од првите две станбени згради изградени во Македонска Каменица. Потоа изградив и куќа. Дојдоа да работат како рудари и многу други луѓе од Кривоаланечеко, зашто тогаш не беше отворен рудникот „Тораница“, како и од други места од Македонија, па дури и од други југословенски републики – се присетува денес 85-годишниот Милковски.
Станко Гаврилов од селото Саса, кој бил раководител на машинска работилница во рудникот, уште не може да сфати како можеше пред 16 години најбогатиот рудник со олово-цинкова руда да биде ликвидиран.
– Политиката ги замеша прстите, а и самите сме виновни што речиси останавме без леб. Тие четири-пет години беа најтешките во Македонска Каменица од нејзиното постоење. Многу млади заминаа во странство. Некои можеби ќе се вратат, но многумина таму и ќе останат – вели Гаврилов, кој од 2010 година е во пензија.
Алтернативи има, треба сериозно да се работи на нив
Од 8.000 жители, колку што вкупно има општината според пописот од 2002 година, се проценува дека во моментот во странство се речиси 2.000. По рестартирањето на рудникот, гратчето пак живна и продолжи инфраструктурно да се уредува, па веројатно сега е најдобро уредениот град во брегалничкиот регион. Тоа особено е видливо од 2009 година, од кога 78 отсто од концесискиот надоместок што го плаќаат рудниците оди во матичните општини, а тоа за Каменица годишно е околу еден милион евра.
– Македонска Каменица е позната по рударството, но мора да размислуваме и да работиме на алтернативи, за, не дај боже, ако некогаш повторно ни’ се случи нешто како пред 15 години кога рудникот престана со работа. Посветени сме на индустриската зона и на уште неколку проекти, а наша добра можност е и туризмот, за што нашата општина има голем потенцијал со езерото Калиманци, Осоговските Планини, манастирскиот комплекс Еленец… Некои проекти се завршуваат, други се планираат. Најголемиот е поврзан со Осоговските Планини. Општината има подготвено физибилити студија преку трансгранична соработка со општината Белица од Бугарија за развој на ски-туризам на Осогово. Инвестицијата е многу голема, околу 80 милиони евра, па неопходна ќе биде поддршка од Источниот плански регион, од државата – вели Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица.
Освен макотрпната и ризична работа, многумина рудари во првите години до работните места во јамите секојдневно патувале пеш со километри.
– Тие години беа многу тешки за работа. Требаа натчовечки напори. Се’ се работеше рачно или со примитивна технологија – дупчење, товарање, изнесување на рудата, а посовремените машини и опрема стигнаа подоцна. Дополнителна голема тешкотија беше и одењето пеш на работа до рудникот, кој е на 12 километри од Македонска Каменица. Пеш доаѓаа и си одеа рударите и од Каменица и од селата Саса, Цера, Моштица… По неколку години, кога се зголеми бројот на вработени и кога Каменица стана град, имаше организиран автобуски превоз. Оние што беа од подалеку, во првите години живееја во рударската колонија кај рудникот. За викенди си одевме пеш до родните места. Ние од Кривопаланечко преку планината, покрај врвот Руен. Еднаш, во 1974 година, на таа делница во снежна лавина загинаа четворица рудари, а неколкумина беа повредени – раскажува Митре Милковски.
Пишува: Љупчо Шатевски
Извор: ММС]]>


