Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска ја започнува дводневната официјална посета на Кина, каде ќе се сретне со кинескиот лидер, Шји Џјинпинг, со кого ќе разговараат за зајакнување на билатералните односи и по клучни глобални прашања, соопшти Кремљ.
Руската делегација вклучува министри, бизнис-лидери и високопоставени функционери, меѓу кои гувернерката на Руската централната банка, Елвира Набиулина, и раководители на големи енергетски компании како „Газпром“ и „Роснефт“.
Според Кремљ, поради западните санкции поврзани со војната во Украина, руските енергетски и деловни структури се повеќе се потпираат врз Кина како клучен трговски партнер.
Средбите меѓу Владимир Путин и Шји Џјинпинг се очекува да се фокусираат на развој на „привилегирано стратешко партнерство“, како и на регионални и меѓународни прашања, а се планира и потпишување на заедничка декларација и десетици билатерални договори.
Меѓу нив се очекува и декларација за мултиполарен светски поредок, како и договори од областа на индустријата, трговијата, транспортот и градежништвото.
Енергетската соработка исто така е високо на агендата, вклучително и разговори за гасоводот „Силата на Сибир 2“, преку кој би се зголемиле испораките на руски гас за Кина.
МИА


