“Се што почнува да се случува во светот е претходно режирано во некоја глава“, Слободан Антониќ.
Зошто се одлучив за овој наслов? Во последните неколку седмици, во македонската слика од настани, имаме два емоционални момента: понижување и ослободување. Во првиот емоционален момент како под-емоција го впишувам стравот, а додека во вториот емоционален елемент како под-емоција ја впишувам и надежта. Преку двата елементи и под-елементи ќе се обидам да ја доловам политичката слика во Македонија.
На едната страна, каде што е Понижувањето и стравот, ги вбројувам таканаречените интелектуалци кои повикуваат за ослободување на македонштината и кои бараат од граѓаните да го стават својот потпис во интерес на зачувување на, а и тие самите незнаат што -премиерот, претседателот, министрите и државнитеслужбеници. Додека во вториот момент, емоционалното ослободување и надежта, ги вбројувам студентите кои преку младешкиот пркос и креативните акции, ако така може да се наречат, ги кинат шавовите и стегите на тоталитарното владеење; претседателот на СДСМ Зоран Заев кој во стилот на Асанж се обидува да го окуражи и водигне до небо либидото на покосените народни маси, како и случајот со ослободувањето на Кежо.
На поставено прашање: Светот е така опасен, како да се заштитам од него?, прашање кое ги тангира сите народни маси од маргина до оние најбогатите.
Одговорот од страна на првата група на луѓе од првиот елемент и под-елемент “Понижувањето и стравот“, – премиерот, претседателот, кои самите тие, свесни за нивните слабости, плашејќи се од истиот под-елемент (стравот), шират дополнителен страв кон масата (граѓаните), со што криејќи се позади колективниот страв, истите тие преживуваат во ова хаотично општествено живеење кое го создаваат самите тие. Додека министрите, државни службеници и таканаречените интелектуалци за заштита на македонштината, иако свесни за вистинската состојба на нештата тие и понатаму остануваат да бидат тивки, да ги премолчуваат грешните политики или пак застануваат во одбрана на индивидуалното лудило на неколку поединци кои го наметнуваат врз масите, се’ со една цел: да не ја загрозат својата општествена (материјална) позиција, бидејќи и самите се свесни дека ја добиле преку партиска заслуга за некаква завршена партиска задача. Патем, тотално (не)свесни за штетите кои се нанесуваат од таквите политики на власта, кон целото општествено живеење на масите.
Дубравка Угрешиќ во едно од своите дела, хирушки прецизно го анализира овој тип на интелектуалци, и за нив вели:“Она мнозинство на интелектуалци кои им послужија, а и понатаму им служат на своите владетели и влади како интелектуален сервис, во оваа прилика, ќе ги оставиме на страна. Всушност, за нив ќе се пишуваат книги и ќе се одржуваат расправи.Бучавата која ја произведоа вредно удирајќи во воените тапани е премногу голема за да остане незапамтена“.
А пак додека однесувањето на премиерот се поистоветува со писанието на Меша Селимовиќ кој за човекот на власт вели дека го “поттикнуваат кукавиците, го бодрат ласкавците, го поддржуваат арамиите, и неговата претстава за себе е секогаш поубава од вистината. Сите луѓе ги смета за глупави, затоа што пред него го кријат своето вистинско мислење, а за себе си го присвојува правото да знае сè, и луѓето го прифаќаат тоа“.
Додека одговорот од страна на втората група на граѓани кои и припаѓаат на вториот емоционален елемент и под-елемент “Ослободувањето и надежта“ како што кажав ги вбројувам веќе свесните студенти, претседателот на СДСМ Зоран Заев и новинарот Кежаровски, ќе го дефинирам преку три одговори кои се тесно поврзани со “надежта“ како под-елемент, а тие се: 1.) Јас сакам да го направам; 2.) Јас ќе го направам;3.) Јас ќе го сторам тоа сигурно! Нивните чекори ми влеваат надеж во битката за ослободување од стегите на власта. Нивната решителност за Слобода ја гледам и дефинирам како животински крик или религиозна молитва, или можеби како химна на затвореници. Или во анархистичкиот стил на Пол Гудман кој вели “Тие се чувствуваат затворени, егзистенцијално, со природата на нештата, или со божјата волја; или затоа што се изложени на премногу тешко економско ропство; или затоа што им се одземени слободите кои ги уживале; или затоа што се колонизирани од страна на освојувачи. За повторно да станат луѓе тие би морале да ги искинат синџирите“. Или пак можеби во последните стихови на Пол Елијат во неговата песна “Слобода“, дел од збирката песни “Поезија и вистина“, напишана за време на фашистичката окупација на Франција, во 1941-та, која вели:
“Со моќта на еден збор
Го почнувам одново животот
Јас сум роден за да те запознаам
За да те именувам
Слободо.“
Сашко Петров


