Македонија тоне во нов бран на растечка инфлација, поради целосно промашената, аматерска економска политика на владата на Христијан Мицкоски, соопштија од СДСМ.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, годишната инфлација е зголемена на 4,5 % – за толку се зголемени трошоците на животот во јуни 2025 година во споредба со јуни 2024 година .
Во истиот период цените на мало поскапеле за 3,7%. Статистиката не лаже – животот станува уште поскап, а инфлацијата притиска и ја опаѓа куповната моќ.
Додека Мицкоски се расфрла со лажни бројки за некави економски успеси, релноста во секој дом е сосема поинаква – празни паричници, скапи производи и семејства кои едвај преживуваат од ден за ден. Никогаш граѓаните не биле посиромашни, како сега.
Инфлацијата континуирано не само што го јаде семејниот буџет, платите, туку и економскиот раст. Македонија е далеку од 4-та економија во Европа како што сака Мицкоски да прикаже. Неговите фалби немаат врска со реалноста.
Прво Мицкоски излажа за растот на БДП, не е 3,4% како што рече тој, туку 3%. Кога ќе се спореди со инфлација од 4,5% значи не само што нема раст, туку е негативен.
Македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, повисок просек од нашите граѓани има дури и земјите во регионот, Србија со 51%, Црна Гора со 53%.
Додека граѓаните прават математики дали и колку да купат храна или да платат сметки, власта и реблансот го скрои за сопствените трошоци и луксузирања. Нема пари за повисока минимална плата, но има пари за повисоки функционерски плати.
СДСМ континуирано предупредува на растечкиот тренд на инфлацијата и дека се потребни конкретни мерки. Сега повторно апелираме владата да преземе итни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и да ги покачи платите на работниците, соопштија од СДСМ.


