Се бара новиот охридски милионер да каже какво е чувството: Државна лотарија објави детали за рекордната „седмица“ вредна 1,76 милиони евра

На својата официјална страница на социјалната мрежа Фејсбук, „Државна лотарија“ информираше дека во 64 коло од играта на среќа ЛОТО 7, постигната е лото-премија во вредност од 109 012 304,50 денари, (над 1,7 милион евра). Извлекувањето е реализирано, во сабота, на 10. август 2024 г., со пренос во живо на Канал 5 телевизија.

„Според податоците од системот, дознаваме дека уплатата е извршена на продажното место ВЛАДИЈА 2011, во Охрид. Уплатени се 10 лото-комбинации, а добитна е 6-тата комбинација со броевите: 7, 10, 27, 31, 33, 35, и 36“, стои во објавата.

Како што наведоа, ова е 28-ма лото-премија од почеток на приредување на игрите на среќа на Државна Лотарија од 2010 година и најголемата која е постигната досега.

За 7-ка досега се славеше во: Свети Николе, Неготино, Тетово, Струмица, Кавадарци, Кичево, Куманово, Битола и Скопје.

Во објавата на социјалната мрежа Фејсбук, Државна лотарија ја поздрави одлуката на лото-играчите коишто досега јавно го споделија своето искуство – какво е чувството кога ќе се добие 7-ка на ЛОТО 7.

„Веруваме дека наскоро ќе се запознаеме и со нашиот најнов добитник и ќе ви ја пренесеме среќната приказна на најновиот лото милионер“, порачаа тие.

Најчитани вести