Вчера, во општина Липково, се одржа четвртата седница на Генералниот совет на Демократска унија за интеграција. Претседателот Али Ахмети ја свика оваа седница со цел да се дискутира за актуелните политички случувања во земјата, како и за понатамошната внатрепартиска организација во функција на овие случувања, се вели во соопштението од ДУИ што МИА го пренесува интегрално.
Во рамки на седницата беше направена анализа на политичката состојба во земјата. Со загриженост беа разгледани тенденциите за нарушување на Охридскиот мировен договор, што може да има сериозни последици за стабилноста на државата. Бараме од иницијаторите и спроведувачите на овие дејствија да се повлечат од истите и да се продолжи со целосно почитување на Охридскиот мировен договор, како единствен пат кон стабилност и напредок на земјата кон целосно членство во Европска Унија.
Исто така, со загриженост беше констатирано дека од страна на власта се ставаат на таргет поранешни градоначалници кои доаѓаат од редовите на Демократската унија за интеграција, како г. Блерим Беџети и г. Фатмир Дехари. Демократската унија за интеграција не е против институционален надзор и ревизија, но силно се спротивставува на политичкиот притисок и политизираниот пристап. Ние сме за контрола и транспарентност, но не и за селективна и политички мотивирана правда, како што се случува со случаите во Сарај и Кичево.
На оваа седница се дискутираше и за случувањата во регионот и пошироко. Во однос на Европа, беше нагласено дека случувањата во Унгарија и изборите во оваа земја членка на ЕУ имаат влијание и врз Западен Балкан. Додека пак за случувањата на Блискиот Исток, Демократската унија за интеграција ги следи со голема загриженост, сметајќи ги како ризик за глобалниот мир сите идеологии кои настојуваат да го прошират своето влијание преку сила, особено преку нуклеарно оружје.
Во овој контекст, изразуваме јасна поддршка за ангажманот на Соединетите Американски Држави како наш стратешки партнер во зачувувањето на стабилноста на Блискиот Исток и се надеваме дека преку дијалог и преговори ќе се постигне одржлив договор, ставајќи ги мирот, безбедноста и стабилноста во прв план.
Исто така, на оваа седница сите претседатели на ограноците поднесоа извештаи во врска со процесот на одржување на собранијата на подограноците, како и подготовките за организирање на собранијата на ограноците, процес кој се очекува да се заокружи со нови и репрезентативни состави на партиските структури.
ДУИ


